Македонија мора да ги промени традиционалните политики и да примени политики на зелена економија

Македонија е меѓу земјите во која најмногу ќе се почувствува влијанието од климатските промени. За да има одржлив развој политиките треба да ги насочи во зелена економија. За нивно утврдување Светска банка направи анализа по сектори која треба да ги даде насоките за натамошна севкупна анализа и подготвување политики и акциски план.

- Сите податоци покажуваат дека Македонија ќе биде особено ранлива на промената на климата. Затоа треба да се вложува во енергетската ефикасност, одржлива употреба на природните ресурси и иновации и зелени работни места, порача директорката на Светската банка за ЈИЕ Џејн Армитаџ.

Според вицепремирот за економски прашања Владимир Пешевски, приоритет ќе биде водата, односно нејзината употреба бидејќи, како што посочува, онаа вода што ја имаме нема да биде доволна.

Тој додаде дека доколку се продолжи со постојните политики негативните ефекти ќе бидат поголеми и истакна дека ќе се води сметка за енергетската ефиканнсот, урбаното планирање, употребата на јавниот транспорт.

Покрај политиките што ќе се создадат, и Пешевски и Армитаџ посочија дека е важно да се смени и начинот на однесување и навиките на луѓето.

Анализата по сектори се прави првпат во Македонија. Разработени се основно сценарио без промена на политиките, зелено сценарио што предвидува скромни мерки за приспособување и супер зелено сценарио кое опфаќа спроведување амбициозни мерки за ублажување и приспособување во повеќе сектори. Со анализата опфатени се снабдувањето со енергија, транспортот, урбаните аспекти, загадувањето на воздухот и земјоделството.

Кај енергијата се препорачува насочување кон позелено снабдување со енергија, поттикнување на јавниот превоз и користење велосипеди, подобрување на ефикасност на возниот парк, инвестиции во железничкиот сектор, градовите да се насочат кон урбани политики и инвестиции. Како значителен проблем е посочено загадувањето на воздухот со ситни честички што ја чини економијата 253 милиони евра годишно или 3,2 проценти од БДП во минатата година. - Годишно, како што е наведено во анализата, се губат околу 1.350 животи како резултат на загадувањето на воздуот со ситни честички. Доколку се намалат загадувањето до граничните вредности на ЕУ би се избегнале над 800 смртни случаи, се посочува во анализата. Климатските промени може да влијаат и на снабдувањето со вода во Македонија. Анализата покажува дека до 2050 година сите сливови ќе доживеат намалување на средниот годишен проток. Кај земјоделството е потребно приспособување за да не се намали придонесот од него.