Ристовски: Ќе се санкционира секоја злоупотреба на средства во социјалните центри

Поднесените кривични пријави против девет вработени во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Тетово  „несовесно работење во службата“ се резултат  на интерна внатрешна контрола на работењето на повеќе центри за кои имаше извесни информации за злоупотреба на правото на социјална парична помош, изјави денеска министерот за труд и социјална полтика Спиро Ристовски.

Според него, одлуката за контролата, која се водела во изминатите седум месеци, била донесена откако по била направена анализа на користењето на правата од социјална парична помош при што со имплементацијата на новиот софтвер биле констатирни извесни злоупотреби и неточно изнесување на податоци од страна на корисниците.

- При целиот процес на анализа е констатирано дека таквите активности не може да бидат спроведени доколку не постоела на еден начин и соработка од дел од вработените, рече Ристовски додавајќи дека тоа била причината зошто било отпочнато со внатрешни контроли.

Министерот за труд и социјална политика очекува во оваа фаза, според законската обврска, директорот да ги суспендира овие лица од вршење на редовни работни задачи додека не се докаже дали се виновни или не.

- Би сакал да апелирам до сите социјални работници, сите вработени во  институциите кои што се под МТСП дека нашата соработка со МВР во насока на борба против злоупотреба на буџетските средства и коруптивните активности ќе продолжи  и понатака на сите нивоа и во сите структури, истакна Ристовски одговарајќи на новинарско прашање по примањето на донацијата за народните кујни.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.П.(55), Е.Е.Б.(28), А.Б.(58), Т.И.(57), А.И.(58), Г.С.(59), Т.К.(62), М.С.(52) и В.Д.(55), сите вработени како референти во ЈУ „Меѓуопштински центар за социјални работи“-Тетово за сторени девет кривични дела „несовесно работење во службата“.

Во периодот од 2009 до 2011 година, пријавените овозможиле 36 лица да се стекнат со право на користење на социјална парична помош иако тие повеќе не ги усполнувале условите, односно настанала промена во нивната материјална, семејна и имотна состојба, со што им овозможиле да се стекнат со противправна имотна корист од околу 1.276.883 денари на штета на буџетот на Република Македонија.