Развојот на широкопојасниот интернет клучен ИКТ-секторот од ЈИЕ да биде дел од глобалниот пазар

ИКТ-секторот од Југоисточна Европа има потенцијал да стане дел од конкурентниот глобален пазар и со тоа да придонесе регионот да биде покрај потрошувач и креатор на апликации и решенија. За тоа клучна е улогата и на развојот на широкопојасниот интернет, односно бродбендот.

Тоа беше истакнато на отворањето на дводневната конференција за широкопојасен интернет во ЈИЕ, што се одржува од денеска во Скопје.

Учесниците на конференција дебатираат за идните политики и реформи што треба да се преземат во развојот на идните бродбенд мрежи. Првенствено сметаат дека треба да се создаде локална вредност на пазарот и да се инвестира во развој на широкопојасните услуги и сервиси.

- Информациско-комуникацискиот сектор учествува со пет проценти во европскиот БДП и придонесува со повеќе од 50 проценти во растот на продуктивноста. Развојот на тие технологии е предусловен од развојот на широкопојасниот интернет кој е основниот елемент за градење на секоја вмрежена економија. Според Светската банка за секој 10 проценти раст на пенетрација на бродбенд одговара од 1 до 1,5 проценти економски раст во државата, рече во обраќањето на конференцијата министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Според Ивановски, како што барањата за информациско-комуникациски импликации, услуги и содржини стануваат се поголеми и пософистицирани така расте и потребата од се побрз широкопојасен интернет. Тоа, појасни, предизвика интернет-сообраќајот да се удвојува на секои 2-3 години, а тесните грла во инфраструктурите да станат реална пречка за натамошниот развој на општеството.

Според ЕБРД, зголемување на брзината на бродбендот за двапати обезбедува раст од 0,3 проценти на БДП во државата.

- Годините што ќе следат ќе бидат клучни за мигрирање кон следни генерации супербрзи бродбенд мрежи при што оние кои навреме ќе инвестираат во неговиот развој ќе обезбедат сигурен бенефит во следните години, посочи Ивановски.

Светската банка предвидува на глобално ниво само до 2015 година да се инвестираат околу 1.000 милијарди долари во следни генерации бродбенд мрежи.

Ивановски истакна дека првенствено е потребна нова регулаторна рамка што ќе поттикнува и промовира ефикасна конкуренција, инвестиции и иновации, особено во насока за воведување следни генерации бродбенд мрежи, а притоа таа рамка мора да обезбеди инвеститорите да добијат фер услови за поврат на нивната инвестиција.

Радиофреквенциите се предуслов за развој на конкуренцијата и на нови идни генерации безжични мрежи, како и платформи за надминување на дигиталниот јаз. На светско ниво активностите поврзани со радиофреквенциите придонесуваат со повеќе од еден процент во БДП на државите, на европско ниво со 2 проценти, а во Македонија со приближно четири проценти.

- Новата регулатива што ќе следи мора да ја гарантира слободата на интернетот, како и принципот на нет неутралност, посочи Ивановски, истакнувајќи дека во таа насока Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со приватниот сектор веќе подготвува нов текст на закон за електронски комуникации.

Од особено значење за развојот на широкопојасниот интернет, како што рече, ќе биде и формирањето на јавна национална македонска точка за размена на интернет сообраќај. Во сите тие процеси мора да се внимава и на информациската безбедност поради што е потребно да усвоиме национална стратегија за справување со компјутерски инциденти и итно да формираме национално тело за справување со нив, укажа Ивановски.

Според директорот на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Ордановски, Македонија ќе ги почитува препораките од ЕУ со цел да создаде стабилна околина за развој на широкопојасниот интернет.

- АЕК има должност да создаде услови за развој на бродбендот и тука фокусот е ставен на највисоко ниво. Стратегијата за периодот 2012 - 2016 година овозможува фер услови за сите играчи на теренот на широкопојасниот интернет, рече Ордановски и додаде дека целта е Македонија да се приклучи кон дигиталната агенда на ЕУ 2020 година бидејќи развојот на бродбенд технологијата значи генерален развој на државата.  

За регионот на ЈИЕ, според Петар Статев од бугарскиот ИКТ-кластер, клучно прашање е дали ќе биде само корисник на глобалниот пазар или, пак, ќе креира и продава свои апликации и решенија. Тука е додадената вредност за нашите општества и за сите нас, нагласи Статев, оценувајќи дека и Македонија, Бугарија, Црна Гора и останатите земји имаат доволно искуство и паметен кадар да изградат решенија и да направат пробивање на светските пазари.

Конференцијата за широкопојасниот интернет ја организира Асоцијацијата СЕЕБЦ, формирана во мај годинава во Скопје од страна на експерти и компании од областа на електронските комуникации.