Ставрески: Рангирањето од „Форбс“ уште една потврда дека земјава е лидер во регионот за водење бизнис

Рангирањето на Република Македонија од страна на „Форбс“ на 37. место е уште една потврда дека земјава е лидер во регионот од аспект на условите за водење бизнис, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во одговор на новинарско прашање за најновото рангирање на „Форбс“.

- „Форбс“ рангира според 11 индикатори и добро е за нас што еден по еден сите меѓународни рејтинг агенции и респектабилни институции ја рангираат Македонија како најдобра од  регионот од аспект на сите услови што се важни за компаниите, изјави Ставрески по завршувањето на Македонската меѓународна образовна конференција.

Тоа, нагласи, претставува уште еден значаен сигнал  за инвеститорите. - Тие ги следат индикаторите од „Форбс“ од „Дуинг Бизнис“ и други реномирани  часописи или институции и на тој начин полесно ќе се решат да пласираат  свои инвестиции во Република Македонија, рече Ставрески.

Американскиот бизнис магазин „Форбс“ ја објави најновата листа на земји најповолни за водење бизнис. На прво место како најповолна земја за бизнис е Нов Зеланд, од регионот најдобро котира Словенија, која е рангирана на 23. место, по што следи Македонија на 37., Црна Гора на 45., Хрватска на 47. и БиХ на 85. место.

Листата е составена врз основа на 11 различни категории на правата на сопственост, иновации, даноци, технологија, корупцијата,заштита на инвеститорите, берзата и бирократијата како и на личната, трговската и монетарната слобода.

Листата на Форбс се потпираа на истражувања и извештаите на ЦИА, Фридом хаус, Транспаренси Интернешанал, Светската банка,  Светскиот економски форум и на Херитиџ Фондација.

Во врска со мерките што ги презеде Владата во делот на индустријата рече дека се значајни на краток и на среден рок.

- Очекуваме тие да дадат добри резултати бидејќи тоа  беа токму барања на секторот металургија и на другите сектори кои за жал во вакви времиња се погодени од светските случувања, односно падот на нарачките и падот на цените на металите. Верувам дека ќе дојдат подобри времиња за нив, а со дополнителните  мерки што ги усвои Владата им помогна краткорочно да ги надминат проблемите и да имаат помалку трошоци, прецизира Ставрески.

На прашањето дали во Предлог буџетот за 2013 година се предвидени пари за бранителите, рече дека законот за бранителите што е поднесен во Собранието содржи различни форми на помош и поддршка  за семејствата на бранителите, но доколу биде донесен во буџетот ќе бидат обезбедени неопходните парични средства.

- Дел се во директна парична форма, дел во непарична форма, а поголем дел се во форма која подразбира помош за семејствата на бранителите како бесплатно здравство, можност за бесплатно запишување деца на факултети и други форми за кои соодветните институции имаат сопствени буџети со кои ќе можат да ги покријат. Секако и Буџетот има соодветни резерви  за паричниот дел кој е предвиден со 50 плати ако Собранието го изгласа законот, за што ние веруваме дека ќе се случи, ќе бидат обезбедени тие средства, појасни Ставрески.

Поднесувањето на законот за вработување од страна на опозицијата го оцени како политичко лицемерие.

- Цениме дека е класично политичко лицемерие да се предлага закон од партија која го произведе проблемот на невработени во Република Македонија и која кога имаше шанса да ги решава тие проблеми не направи ништо, напротив  ја постигна рекордната невработеност, рече Ставрески.

Во вакви тешки околности во европската и светската економија, нагласи, ние сепак успеавме да ја стабилизираме невработеноста на пониско ниво, да ја намалиме иницијално, а потоа да не дозволиме да се зголеми.

- Верувам  дека со сите инвестиции што ги најавуваме, со сите мерки и со странските и домашни инвестиции постепено ќе успееме да ја извлечеме Република Македонија од ситуацијата во која што се најде пред се заради лошата приватизација во 90-тите години, а и подоцна заради лошите политики што ги водеа нашите политички конкуренти, рече Ставрески.