Бесими на свечена заклетва на 17.генерација војници на доброволно служење во АРМ во Велес

Во Командата за обука при Касарната „Алексо Демниевски-Бауман‘‘ во Велес во присуство на министерот за одбрана Фатмир Бесими и началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Горанчо Котески  денеска свечена заклетва даде 17.генерација војници на доброволно служење во АРМ.

Успешна обука им посака командантот на Командата за обука полковник Љупчо Костовски и посочи дека оваа генерација е најбројна со 281 војник, меѓу кои 20 девојки, кои во годината на славење на 20 години на АРМ ја започнуваат третата деценија на АРМ.

Во своето обраќање началникот на ГШ на АРМ генерал мајор Горанчо Котевски меѓу другото потенцира дека тие ќе бидат база за понатгмошен избор на кандидати за професионални војници.

- Согледувајќи ги придобивките кои АРМ и Македонија ги добива со доброволно служење на воениот рок само по себе се наметнува прашањето и размислувањето 10 проценти од активниот состав на АРМ да биде регрутен состав.Ова нема да ги спречи нашите стратешки определби,туку ќе ја засили нашата одбранбена моќ,потенцира генерал мајор Котески.

Министерот Бесими честитајќи им ја свечено дадената заклетва на младите војници, им порача дека обврска на Министерство за одбрана е на едно институционално ниво, континуирано да обезбеди пристојни и професионални услови за нивната обука.

- Наша задача е исто така, сега и во иднина, да работиме на подобрување на стандардот и имиџот на воените лица, војникот – подофицерот - офицерот на АРМ, соодветно на имиџот кој со години го гради Армијата. Оваа заложба е веќе предвидена во неколку стратешки документи на ниво на држава, како и во рамки на самото МО. Тука го имате моето ветување, рече министерот Бесими.