Министерката Канческа - Милевска го посети Филозофскиот факултет - Скопје

 Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска го посети Филозофскиот факултет - Скопје и Археолошкиот музеј, кој веќе две години функционира во рамки на оваа високообразовна институција.

- Филозофскиот факултет, особено одделот за археологија е партнер на Министерството за култура во активностите кои ја засегаат заштитата, валоризацијата и презентацијата на културното наследство на Република Македонија. Длабоко посветената работа на професорите и ангажманот на студентите од овој оддел досега резултираа со многу пронајдени артефакти кои се  презентирани и пред нашата јавност, потенцира Канческа - Милевска.

Таа потсети на дел од најважните проекти на Филозофскиот факултет, односно на Одделот за историја на уметност и археологија кои, како што рече, се реализираа изминатиот период и дадоа значајни резултати во заштитата на културното наследство на Македонија. Овие проекти се поддржани со над 4 милиони денари во Годишните програми на Министерството за култура.

Дел од тие проекти се заштитни археолошки истражувања на комплексот археолошки локалитети: Висока, село Крушевица и Старо Бонче,кои се реализираа во насока на дооткривање и заштита на македонски тип на гробница од 4 век пред нашата ера и кои резултираа со пронаоѓање на делови од македонски штитови. Заштитни археолошки истражувања на локалитетот Градиште, село Црнобуки, Битолско, истражување на археолошкиот локалитет Орловица – Ракотинци, Скопско од времето на неолитот, истражувања на источната тераса на локалитетот Вардарски рид каде се откриени повеќе објекти од праисторискиот, раноантичкиот и хеленистичкиот период. 

Министерството за култура, како што рече, ги поддржа и археолошките истражувања на локалитетите  Грамаѓе Барово, Градиште-Теарце, „Кртозов Рид“ – село Дреново, Корешница и др. 

- Од огромна важност е што во капиталниот проект на Владата и на Министерството за култура за археолошко истражување на Скопската тврдина Кале, учествуваа и многу професори и студенти  од одделот археологија кои активно го помогнаа  истражувањето на сите културни слоеви на ова тло, од праисторијата до средниот век, рече Канческа - Милевска.

Сите експонати кои се пронајдени за време на студиските истражувања, уредно се систематизирани и презентирани во Археолошкиот музеј, кој функционира од декември 2010 година и доби поддршка од Министерството за култура. Музејската збирка денеска содржи околу 5 илјади предмети кои го поткрепуваат и потврдуваат културниот идентитет на македонската историја.

- Тие се  несоборлив доказ за нашето наследство, создавано низ милениумите и се еден исторски водич за секој посетител на Филозофскиот факултет, на нашиот главен град и на нашата држава воопшто. Создавањето на овој Музеј на Факултетот  има огромна едукативна функција бидејки им овозможува на студентите, сето она што се изучува и се истражува на терен  да може да го валоризираат и презентираат пред јавноста, рече Канческа – Милевска.

Министерката за култура информира дека изминатиот период, со поддршка на Владата од страна на Министерството за култура  беа преведени повеќе стручни книги и учебници од областа на археологијата од реномирани странски автори, кои се изучуваат на познатите универзитети во САД и во Европа. Министерството за култура, посочи таа, во континуитет продолжи да го поддржува и публикувањето на голем број монографии кои се резултат на долгогодишните истражувања кои се спроведоа од страна на групата за Историја на уметноста со археологија при Филозофскиот факултет.

Горан Ајдински, декан на Филозофскиот факултет - Скопје рече дека соработката со Министерството за култура е посебно изразено во последните неколку години со реализација на неколку крупни проекти кои, како што рече, веќе имаат оставено траен белег во балканскиот културен и научен простор.

Проф. д-р Драги Митревски, раководител на Институтот за археологија при Филозофскиот факултет во Скопје рече дека проектите кои се работат најчесто завршуваат со научни трудови, магистерски и докторски тези. Тој додаде дека на факултетот му е потребна лабораторија за испитување на материјали.