За предлог-буџетот за 2013 поднесени рекордни 1.026 амандмани

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска, информирајќи за тоа до каде е носењето на буџетот за следната година на отворената седница на Владата, рече дека утре започнува негово разгледување во собраниската Комисија за финансирање и буџет и оти се поднесени 1.026 амандмани, што претставува рекорден број.   

- Има најавено рекордно 1.026 амандмани. Во изминатите 20 години имаше по 200, 300, 350. Таква е и структурата на амандманите. Главно се за сите општини во Македонија, рече тој.

СДСМ има поднесено 528 амандмани, НДП односно пратеникот Изет Зеќири 460 амадмани и, главно се на локално ниво наменети за гласачите.

- Буџетот ќе се презентира со аргументи. Мислам дека тука добро стоиме бидејќи е многу реално проектиран со два отсто раст за следната година, што би било добро имајќи предвид дека и последните податоци од еврозоната се дека во третиот квартал цела Европа е во рецесија, Германија во стагнација, Холандија, Финска се веќе во негатива. Имаме, како што усвои Владата, буџет со кој се обезбедува социјална заштита за граѓаните со порастот на пензиите и порастот на социјалната помош, доволно средства за земјоделците - 135 милиони евра за следната година, рече Ставрески.

Тоа, истакна тој, е една силна страна на буџетот, додека втората е во делот на поддршката за стопанството.

- Таму имаме високо ниво на капитални инвестиции, вкупно околу 380 милиони евра, заедно со Агенцијата односно во иднина јавното претпријатие за патишта, и, на приходна страна се разбира останавме како Влада доследни со тоа што сме единствена земја во Европа што не зголеми даноци во овие четири години на криза, рече вицепремиерот и министер за финансии на отворената седница на Владата.