Јанакиески: Според предвиденото, во првиот квартал на 2013 ќе почне изградбата на гасоводната мрежа

Во првиот квартал од наредната година се очекува да започнат градежните работи за изградба на гасоводната магистрална мрежа во земјата, како што беше предвидено, истакна денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, реферирајќи пред членовите на Владата на отворената седница.  

- Пред три дена заврши мисијата од компанијата Стројтрансгас. Ги договоривме сите детали и останува уште едно отворено прашање кое тие треба да го надминат со нивното Министерство за финансии, кое очекуваме да биде затворено до крајот на оваа година. Очекуваме оваа година или на почетокот на наредната да добиеме и финансиска понуда. Значи реално би било, како што и претходно најавивме, во првиот квартал од наредната година да започнат градежните работи за изградба на гасоводната магистрална мрежа од Клечовце се до ТЕЦ Неготино, изјави министерот Јанакиески.

Вториот дел, додаде Јанакиески, што е прва фаза од нашиот приоритет односно изградба на гасификациона мрежа од ТЕЦ „Неготино“ па се до РЕК „Битола“, изградба на гасификациона мрежа од Скопје па се до Гостивар, треба да го работиме со Европската банка за обнова и развој. 

- На последната седница на Влада го одобривме договорот за консултант. Очекувам на почетокот на месец декември тој да биде потпишан. Обврска на консултантот е во максимален период од четири месеци да направи анализа на целокупната документација што ја имаме изработено ние како Влада и да види дали нешто во таа документација треба да се подобри. Доколку добиеме одобрување дека целокупната документација, согласно правилата на ЕБРД тогаш заедно со Министерството за финансии би започнале постапка за преговарање на обезбедување средства за изградба на вториот дел од гасифиакционата мрежа во Република Македонија, нагласи Јанакиески.

Министерот информираше дека речиси 90 проценти од експропријацијата е завршена. - Очекувам во декември целосно да завршиме со експропријацијата, а тоа е основ и да се издаде одобрение за градење. Наша обврска кон Руската федерација е да ги обезбедиме сите документи до одобрение за градење, изјави министерот за транспорт.  

На отворената седница на Владата на дневен ред е и Информацијата за развој на дистрибутивна мрежа на природен гас во Македонија, во која, според Јанакиески, се дава преглед на она што досега е изградено, како и она што е планирано а за што веќе ги информираше членовите на Владата.  

- Во самата информација се дава заклучок до Министерството за транспорт и врски во соработка со двајцата вицепремиери, Министерството за економија да почнеме постапка за изнаоѓање на консултантска куќа која ќе направи студија за изградба на секундарна и терцијална мрежа во Република Македонија. Би оделе по примерот на Хрватска.  Градовите што имаат поголем број индустриски капацитети, граѓани... би оделе во ист пакет со општините каде што има помал број индустриски капацитети, помал број граѓани односно атрактивна со неатрактивна општина.  Би оделе на ниво на региони за да можат тие да бидат поатрактивни за идните инвеститори, појасни министерот.