Канческа - Милевска: Стариот театар во Скопје ќе биде пуштен во употреба на 27 март идната година

Според нашата динамика, планираме на 27 Март - Светски ден на театарот да го пуштиме во употреба Стариот театар во главниот град. Се работи целосно на орнаментиката. Ќе има над 100 мотиви од орнаментика од нашето македонско поднебје, информираше на отворената седница на Владата министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска.

Во Театарот, како што рече, има и посебна работилница каде се изработува орнаментиката и директно ќе се поставува на самите ложи.

- Малата сцена, долу е целосно завршена. На конкурс избравме пет уметници кои ќе го сликаат плафонот во центарот на големата сала. Тие работат веќе интензивно. Исто така избран е и уметник кој ќе ја постави структуралната композиција на влезот, внатре во театарот. Уметникот ја работи таа композиција. Сите 46 скулптури се доставени и се местат на горната површина, рече Канческа - Милевска.

Во објектот се внесува целокупната сценска технологија, ќе има шест завеси на самата сцена, три ќе бидат свечени, а останатите се технолошки завеси. 

За театарот во Велес, министерката за култура информира дека според предвидената динамика се очекува тој во втората половина на следната година да биде готов. Завршени се сите постапки околу тендерирањето и интензивно се работи на сценската технологија и на ентериерот.

Канческа - Милевска најави дека до крајот на годинава или следниот месец се очекува да почне и реконструкцијата на театарот во Струмица. Избрана е фирма која ги изработува проектите.