Работилница за подобрување на работата на службите за ИМП, распределени новите амбулантни возила

Имплементација на стратегијата за Итната медицинска помош (ИМП) беше тема на денешната работилница што се одржа во Министерството за здравство, а со цел подобрување на работата на службите за Итна медицинска помош. На работилницата присуствуваа министерот за здравство Никола Тодоров, експерти и соработници од областа на ИМП.

Тодоров изјави дека во овој дел Министерството е фокусирано во последниот период, почнувајќи од набавката на новите амбулантни возила кои вчера во текот на седницата на Владата беа распределени во градовите и во здравствените домови во Македонија, при што, како што рече, воделе сметка секој град или општина да добие ново амбулантно возило кои се комплетно опремени со најсовремена опрема која досега во голем дел од старите воопшто ја немало.

- Скопје доби 14 нови амбулатни возила, а другите се распоредени во Пехчево, Берово, Македонска Каменица, Битола, Прилеп, Маврово Ростуше, Вевчани итн. Идејата беше  да има и возило кое е подготвено и за подолг транспорт на пациенти кои се во животно загрозувачка состојба до некои од центрите каде може да се укаже помош или до Скопје на терциерно ниво каде се изведуваат најсложените здравствени услуги, истакна Тодоров.

Посочи дека во тек е посебна тренинг едукација на служби од ИМП за користење на опремата инсталирана во новите амбулантни возила и додаде дека покрај техничката обука за користење на апаратите ќе има и обука која ќе биде организирана од припадници на ИМП од странство кои се веќе едуцирани и работат на овој тип апарати во возилата.

Тој нагласи дека со вработувањата на нови 80 лекари во ИМП, сериозно ќе бидат зајакнати човечките капацитети во ИМП, а со набавката на посебен систем за комуникација, тетра систем тимовите на ИМП ќе можат да комуницираат на сигурна фреквенција меѓусебно, со полицијата ако е потребно, како и со ургентните  центри каде што се носи пациентот.

- Се одвива набавка на таблет компјутери кои ќе бидат сместени во секое возило на кои ќе биде инсталиран систем за брзо пребарување по сите упатства по медицина базирана на докази. Ова е целиот тој пакет за сериозно подобрување на состојбата во ИМП и повисоко ниво на знаење, но и на опременост на кадарот и оние кои работат во итните медицински служби. Планираме да имаме неколку дисперзирани пуктови и тоа да ги отвориме многу скоро посебно во Скопје, рече Тодоров.

Една од причините за доцнење на амбулантните возила, додаде министерот за здравство, е фактот што на две најоддалечени точки во градот нема дисперзиран пункт на ИМП и како резултат на помалиот број возила што ги имавме досега, некогаш имавме осум- девет возила оперативни на дневно ниво, практично беше невозможно да се одговори брзо или навремено на сите повици.