Тодоров најави реализација на проектот за државна неонатална кардиохирургија

 Реализација на проектот во Македонија да се отвори државна неонатална кардиохирургија за бебиња до деветмесечна возраст, но и за деца до 14, a во иднина и до 18 годишна возраст, најави денеска министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека за проектот на кој биле фокусирани изминатиот период станало збор и на синоќешната седница на Владата.

Тој истакна дека тоа планираат да го сработат заедно со тим кардихирурзи предводени од професор од Тенеси, а планот, како што рече, е тие да доаѓаат четири пати во текот на годината, да престојуваат по две недели во Македонија и да оперираат од 14 до 20 пациенти, бебиња или дечиња кои имаат потреба од кардиохирушка интервенција.

- Тие ќе донесат комплетен тим кој треба да ја изведува интервенцијата со тоа што и нашите доктори и хирурзи и анестезиолози и од неонатална интензивна нега ќе бидат постојано присутни и ќе се едуцираат да можат после овој период од три години на континуирана едукација и работа со врвни кардиохирурзи од САД, да кажеме дека во Македонија самостојно ќе можат да се изведуваат кардиохирушки интервенции за дечиња и бебиња, изјави Тодоров по завршувањето на работилницата за подобрување на работата на службите за Итната медицинска помош.

Тој нагласи дека на тој начин ќе направат еден многу сериозен исчекор не само во македонскиот здравствен систем, туку и во македонското здравство воопшто. Потенцира дека имало обиди ова да се реализира, но досега не сме виделе реализација.

-Очекуваме на овој начин и со помош на овие експерти во период од три години да почнеме самостојно во Македонија да вршиме кардиохирушки интервенции и на тој начин државата да стане во овој дел регионален лидер за неонатална кардиохиругија. Идејата е клиниките за детска хирургија и за детски болести да бидат вклучени во овој процес. Ќе почнеме на Клиниката за детска хирургија, а потоа имајќи предвид дека со изградбата на новиот клинички центар планираме двете клиники да ги споиме во исти простории интервенциите ќе се одвиваат во тие простории, истакна Тодоров и додаде дека се очекува во вториот квартал од наредната година да бидат изведени првите хирушки интервенции.