Пуштен во сообраќај кружен тек на улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“

Во општина Бутел денеска официјално беше пуштен за сообраќај кружниот тек на улиците „Боца Иванова“ и „Александар Урдаревски“.

Кружниот тек е формиран на ниво на постојниот коловоз и во него има една коловозна лента со широчина од шест метри. Со неговата изградба улиците „Александар Урдаревски“ и „Цетинска“ физички се одвоени со тротоар.

Кружниот тек официјално во употреба го пуштија министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и градоначалниците на Град Скопје и на општина Бутел Коце Трајановски и Петар Латиновски.

Со изградбата на крстосницата во општина Бутел, според Јанакиески, на жителите од овој дел на Скопје, но и оние кои често поминуваат од тука им се овозможува побезбеден сообраќај и современо решение и ќе се намали сообраќајниот метеж.

- Сведоци сме дека од ден на ден во Градот Скопје никнуваат нови сообраќајници и сообраќајни решенија со што драстично се подобрува безбедноста во сообраќајот. Целта на Владата, но и на претставниците на локалната самоуправа е што подобра инфраструктура за граѓаните во Република Македонија, пред се инвестиции во локалните патишта бидејќи тие се оние кои граѓаните најмногу ги користат, рече Јанакиески.

Тој нагласи дека Владата и понатаму ќе продолжи со поддршка кон општините за реализација на голем број проекти со цел подобар живот за граѓаните.

Градоначалникот Трајановски информира дека по реконструкцијата улицата „Александар Урдаревски“ има две коловозни ленти, со широчина од по 3,5 метри, а од страните на коловозот се изградени тротоари со променлива широчина и велосипедска патека од 2,5 метри. На оваа улица се изведени и две автобуски стојалишта, по едно од двете страни. Улицата „Боца Иванова“ има две коловозни ленти од по 3,5 метри, тротоари од двете страни широки по три метри и зеленило. За реализација на проектот Град Скопје издвои 23,3 милиони денари.

- Коловозот е асфалтиран со асфалтен слој од Сплит Матикс 16 што овозможува заштита на асфалтот од оштетувања и го одложува формирањето траги од застанување на возилата. Средишниот дел од кругот е исполнет со хумус и во него ќе се засади трева. Ова модерно сообраќајно решение ќе придонесе за поголем проток на возила во овој дел од градот, за зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот и за скратување на времето на патување, нагласи Трајановски. 

Тротоарите на двете улици, посочи, се покриени со бекатон-плочки, на вкупна површина од 4.910 метри квадратни.

- Изградбата на кружниот тек беше искористена за реконструкција и за заштита на постојната водоводна мрежа со пречник од 300 и 400 милиметри, а на должина од 127 метри е вградена нова водоводна мрежа со Ф 200. Изградена е и атмосферска канализација во должина од 300 метри, рече Трајановски.

Со изградбата на кружниот тек, Латиновски нагласи дека се решава едно многу важно прашање и се затвора најцрната сообраќајна точка која, како што рече, долги години покрај материјална штета одзема и човечки жртви.

Тој потсети дека последните години во општина Бутел изградена е и реконструирана сообраќајна мрежа во должина од 25 километри, а за подобрување на животот на граѓаните во изградба е и фекална канализација во должина од 35 километри.