Во МНР презентирани извозните капацитети на македонската информатичка технологија

Министерството за надворешни работи  во соработка со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ денеска пред претставници на дипломатскиот кор во Република Македонија ги промовираше капацитетите и извозните потенцијали на информатичко комуникацискиот сектор.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски по промоцијата појасни дека фокусот бил ставен на информатичката технологија, како особено важно во обидот да се промовира извозни капацитети на индустрии каде што сме конкурентни.

- Во Република Македонија ИТ секторот е со највисока стапка на раст во однос на сите други земји во поширокиот регион. Сметаме дека можеме со ваков тип активности да ги анимираме дипломатите во Скопје за поврзување и нудење можности за зголемување на пазарот односно за отворање можности за нашите ИТ компании во странство и дополнително да се соберат материјали кои можат да им послужат на нашите дипломати надвор во промоција на овој сектор, изјави Попоски, додавајќи оди со ваков пристап може само да се зголемат можностите на една индустрија која е доста конкурентна.

Според Игор Бимбиловски од МАСИТ, единствената опција за Македонија да ја развива  својата економија е да биде извозно ориентирана, а ИТ индустријата е извозно ориентирана и затоа денеска, како што рече, ги потврдивме нашите потенцијали и ресурси за настап на надворешните пазари рамноправно со светски познати компании.

-МАСИТ како комора застанува цврсто на овој пат кој на некој начин го трасира МНР во делот на економската дипломатија. Според она што денеска беше презентирано веќе извезуваме во земјите од Европа и од Америка. Но, заедно  во партнерство со тие земји можеме да пласираме продукти на трети пазари како земји во развој, а тоа се азиските земји и од јужна Америка, рече Бимбиловски.