Состанок на Националниот управувачки комитет на Заедничката програма меѓу Република Македонија и агенциите на Обединетите нации

Денеска, министерот Никола Попоски, оствари средба со шефовите на канцелариите на УНДП, УНИЦЕФ, УНЕСКО и амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Македонија, на која се разговараше за резултатите на заедничката програма на ОН за зајакнување на меѓу-етничкиот дијалог и соработка во Република Македонија.

Програмата се имплементираше во периодот јули 2009. - јули 2012. година, во соработка со Министерството за надворешни работи, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за локална самоуправа и Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор.

Програмата, која е финансиски поддржана од Владата на Шпанија во рамките на Фондот за достигнување на Милениумските развојни цели на ОН,  има за цел ефективно засилување на капацитетите на локално и национално ниво, засилување на националните системи и капацитети за трансформација на конфликтите и промоција на меѓуетничкиот дијалог во земјата со цел градење на граѓанска свест.

За време на средбата Министерот Попоски, како претставник на Владата на Република Македонија и ко-претседавач со Националниот управувачки комитет, изрази задоволство од реализацијата и постигнатите резултати од заедничката програма. Подвлече дека програмата ги исполнила зацртаните резултати – јакнење на националните капацитети за промовирање на поголема меѓуетничка кохезија и подобра меѓуетничка толеранција, поттикнување на дијалог меѓу младите за мирно решавање на конфликти и градење консензус на национално и локално ниво со цел јакнење на меѓуетничкиот дијалог.

Во своето излагање претставниците на канцелариите на Меѓународните организации во Република Македонија запознаа со текот на имплементацијата на програмата (2009-2012. година). Истакнаа дека истата е во целост реализирана и дека се постигнати зацртаните цели - засилување на националните системи и капацитети за трансформација на конфликтите, засилување на капацитетите на националниот образовен систем заради менаџирање на културната и етничката разновидност, како и промоција на меѓукултурна чувствителност во градење на граѓанска свест.