Бесими на брифинг со странските воени аташеа, засадени садници во касарната „Илинден“

Министерот за одбрана Фатмир Бесими, заедно со началникот на Генералштабот на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески и странските одбранбени аташеа во Република Македонија, денеска во рамки на акцијата „Ден на дрвото“ засадија садници во кругот на скопската касарна „Илинден“.

Втор пат во касарната „Илинден“, посочи министерот Бесими, беа засадени садници со симболично поставени знамиња на држави покрај дрвцата.

- Тоа е многу силна и симболична порака дека за подобра иднина сите сме заедно. Ние во знак на благодарност одлучивме патеката која води до новоизградениот летниковец во касарната да се нарекува „Патека на странските воени аташеа во Република Македонија“ затоа што всушност и тие ги засадија тие дрвја кои во иднина се очекува да го разубават овој дел, изјави Бесими.

Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Котески подвлече дека АРМ досега вклучувајќи се во акцијата „ден на дрвото“ има засадено околу 30 илјади садници.

Во „Илинден“ Бесими денеска го одржа и традиционалниот брифинг за странските аташеа, на кој ги информира со процесите и реформите во АРМ и во МО, а ги информира и за регионалните иницијативи и проекти.