Во кругот на МВР засадени садници во рамки на 10 -та акција „Ден на дрвото“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, директорот на Агенцијата за млади и спорт Лазар Поповски и претседателот на акцијата „Ден на дрвото, засади ја својата иднина“ Бобан Симоновски денеска засадија садници во кругот на Министерството за внатрешни работи.

Во рамки на акцијата „Ден на дрвото“, нагласи Јанкулоска, по 10 - ти јубилеен пат со денеска засадените дрва е надминат бројот од 30 милиони садници. На различни локации денеска, посочи, ќе бидат засадени 3,2 милиони садници.

- Посебно ми е задоволство што денеска во спроведувањето на оваа акција масовен придонес дадоа и спортистите, затоа што сепак и садењето дрвца е тимска работа, која ги ангажира луѓето, носи една позитивна енергија, што се многу слични мотиви на оние што го движат спортот, изјави министерката Јанкулоска.

Изразувајќи благодарност до МВР за соработката во досегашните 10, од кои 9 масовни акции, Симоновски информира дека според Државниот инспекторат за шуми од сите досегашни акции околу 62 проценти од засадените дрвца се успешно зафатени.