Канческа-Милевска го посети идниот Музеј на вкусовите во Кавадарци

 Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска го посети идниот музеј на вкусовите. Се работи за поранешниот Младински центар, а претходно Офицерски дом во центарот на градот, кој се реконструира во музеј. Министерката рече дека е добро секој град да има по еден таков автентичен музеј во кој ќе бидат прикажани историјата и традицијата на градот.

- Еден од приоритетите во стратегијата на културната политика во државата е во секој град да се отвори автентичен музеј кој ќе го презентира неговото културно богатство. Ние даваме силна поддршка во таа насока и морам да го пофалам градоначалникот и да му се заблагодарам за се што прави за културниот развој на регионот и за промоција на нашата држава. Кавадарци е град на култура  кој поседува големо културно наследство и големо уметничко творештво од уметници кои го презентираат културниот идентитет на државата. Затоа Кавадарци заслужува еден ваков музеј, изјави Канческа-Милевска која објектот што се гради го посети заедно со градоначалникот на Кавадарци Александар Панов.

Таа најави дека музејот ќе биде отворен наскоро и оти за таа цел Министерството за култура дава голема логистичка поддршка за стручниот сегмент, додавајќи дека музејот треба да го добие заслужениот статус од надлежните државни институции.

Градоначалникот Панов објасни дека целта на музејот е да го претстави идентитетот на Кавадарци.

- Сакаме да ја истакнеме нашата посебност во делот на културата, историјата, археологијата. Многу е важен тука, исто така, и едукативниот дел. Бев одушевен кога во Лувр видов ученици од основно училиште како цртаат пред една слика и имаат училиштен час. Немаме некои светски сликарски имиња, но имаме наши уметници и наша историја кои треба да се видат автентично, а не само во учебници, рече градоначалникот Панов.

Министерката Канческа-Милевска пред посетата на објектот што се реконструира посади дрвце во месноста Мелци во Кавадарци, во рамки на 10-тата акција за пошумување на Македонија.