Пешевски: Не се размислува за посебен пакет антикризни мерки, консултациите со компаниите продолжуваат

Владата моментно не размислува за посебен пакет антикризни мерки, но продолжува со континуираните посети на фирмите и консултациите со стопанствениците, изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по денешното засадување дрвца во општина Илинден.

- Владата постојано размислува за нови мерки, но настојува да не ги групира во пакети, иако понекогаш се направени за специфични индустрии. Секогаш кога има предлог од коморите, од некоја конкретна компанија, бидејќи имаме континуирани посети на фирмите на терен, настојуваме, преку редовната Програма за работа на Владата, да ги имплементираме. За посебен пакет не се размислува, но тоа се континуирани активности во тек, рече Пешевски, одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, Владата засега е задоволна од интересот на бизнис заедницата за евтините кредити.

- Интересот е добар. Веќе првите средства се легнати на сметките на компаниите. Како што најавивме, во оној момент кога ќе бидат исцрпени тие средства, ќе побараме нови од Европската инвестициона банка, истакна Пешевски.