Ставрески: Нема да се одлага воведувањето на системот е-даноци

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески денеска изјави дека нема да се одлага воведувањето на системот е-даноци. Според него, се работи за новина за која треба време додека компаниите се прилагодат и информираат.

- Не планираме продолжување на рокот, но планираме позасилена реклама на можноста, како и презентирање на можноста пред компаниите. Се работи за неколку илјади компании поради тоа што фазно се воведува. Значи не е за сите компании одеднаш и верувам дека одговорноста на компаниите и начинот на којшто ќе ја прифатат оваа новина ќе биде позитивна бидејќи се работи за нешто што заштедува време и пари, изјави вицепремиерот Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по засадувањето дрвца на локалитетот Мршевци.

Нагласи дека системот е - даноци, односно плаќањето и пријавувањето на даноците по електронски пат е карактеристика на сите модерни економии.

Во однос на повратот на ДДВ кон стопанството, вицепремиерот оцени дека процесот се одвива одлично и со предвидената динамика.

- Се е во согласност со она што премиерот го вети и што го реализиравме заклучно со крајот на октомври. Продолживме и во ноември со идентична динамика, така што компаниите се задоволни бидејќи ликвидноста е значително подобрена, истакна Ставрески.

Најави дека повратот на ДДВ ќе продолжи како што е најавено и оти до крајот на февруари целосно ќе биде исплатен.