Во Битола одбележан Денот на создавање на албанската азбука

Во Националната установа Музеј на Албанската азбука во Битола денеска во присуство на потпретседателот на Владата на Република Македонија Муса Џафери и министрите Елизабета Канчевска-Милевска, Фатмир Бесими, Ваљон Сарачини, заменици министри, пратеници и градоначалникот Владимир Талески, беше одбележана 104. годинишна од денот кога во овој град се одржа Битолскиот Конгрес, и на кој во 1908 година беше донесена одлука и усвоена Албанската азбука.

Во своето обраќање Џафери потсети на историските мигови од одржаниот Конгрес во Битола на кој освен за создавањето на единствената азбука, тогашните интелектуалци говореле и за важни политички настани и одлуки од тој период.

Министерката за култура Канчевска-Милевска посочи дека во ентериерно реконструираниот Музеј на Албанската азбука во Битола им оддаваат почит на сите творци што придонеле во градењето на големата културна вертикала на народите на овие простори.

- На Конгресот кој според бројот и важноста на учесниците бил најзначаен културен настан за албанскиот народ на почетокот на 20 век, албанските мислители испратиле суштински пораки кои денес се значајни за соживотот на Балканот, за космополитизмот, за разбирањето и меѓусебното почитување. Битолскиот Конгрес бил, и денес е историски миг, истакна Канчевска-Милевска.

Новата музејска поставка содржи 56 фотографии и повеќе од 230 документи во дигитална и хартиена форма, меѓу кои и првиот пишуван запис на албанскиот јазик од Пал Енѓели од 1462 година, превод на албански јазик на евангелието, повеќе варијанти на албанската азбука што се користеле до усвојувањето на современата албанска азбука, како и одлуката за создавање модерна азбука на Албанскиот народ.

- Културната историја на Република Македонија памети многу места на среќавања, многу датуми кои говорат за историскиот континуитет на народите на тлото на нашата земја. Во нашата држава од единствен хармоничен глас се слеваат зборовите на многу јазици, а тие пренесуваат една порака - пријателство, разбирање, соработка и заеднички просперитет. Афирмирањето на културата на заедниците во нашата земја претставува една од константните заложби на Владата на Република Македонија, посочи Канчевска-Милевска.

Министерството за култура во рамки на одбележувањето ан Денот на албанската азбука го поддржа издавањето на книгата „Битолскиот Конгрес“ на Македонски јазик, дело кое до крајот на овој месец ќе биде презентирано пред јавноста, беше истакнато на денешната свеченост во Битола.