Отворена „Спомен соба на генерал Михаило Апостолски“ во Воениот музеј во Скопје

Во Воениот музеј во Скопје денеска свечено беше отворена „Спомен соба на генерал Михаило Апостолски“, по повод 106 години од раѓањето на командантот на Главниот штаб на Народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија и придонесот на Република Македонија во антифашистичката борба.

Директорот на Воениот музеј, Александар Стојчев по овој повод информира дека дел од оставнината на Апостолски, која на МО му е подарена од Фондацијата „Цвета и Михаило Апостолски“ во 1996 година, денеска првпат се промовира јавноста, како вредна колекција на лични негови предмети, неговата библиотека со околу 8.000 наслови, архивски материјал, фотографии, писма и подароци кои ги добивал како вршител на значајни воени и општествени функции. 

Министерството за одбрана, нагласи министерот Фатмир Бесими, со посебен пиетет се однесува кон сите оние личности кои се вложиле себе си и својот животен век го поминале во борбата за создавање на Република Македонија и на АРМ. Еден од оние кои се наоѓаа на врвот на пиедесталот, истакна, е командантот на Главниот штаб на НОВ и Партизанските одреди на Македонија генералот Апостолски, првиот генерал во историјата на Република Македонија. Министерот за одбрана Бесими подвлече дека како врвно обучен офицер по формирањето на ГШ на НОВ и ПО на Македонија, Апостолски го има главниот збор во формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“, чиј ден на формирање 18 август 1943 година се слави како ден на АРм, на Првата Македонско-косовска ударна бригада и други.

- Генералот Апостолски упатува пораки до Македонците и приапдниците на етничките заедници во Македонија, а посебно кон АЛбанците во Македонијада го дадат совјот придонес „во оваа света НОБ“ и со зборовите „тргните и вие по стапалата на целиот макеоднски народ, по стапалата на народите на Југославија и Албанија“, рече меѓу другото Бесими.

Интегративната одлика на делото на Михаило Апостолски се гледа и од периодот, рече Бесими, и кога бил претседател на МАНУ од 1976 до 1983 година кога се објавени монографски и енциклопедиски изданија на повеќе јазици. Историчарите сведочат дека Апостолски е голема историска личност-успеал да ги обедини револуционерните движења од 19 и 20 век и да ги поврзе идеите на Илинден и на АСНОМ, во кои уште тогаш ги препознавал мултиетничките контури на македонското општество.

Претседателот на Сојузот на борците на НОАВМ, генералот во пензија Тодор Атанасовски побара во следното издание за легендарниот командант Апостолски да биде ставен и неговиот псевдоним „Дончо Штијанчето“. Предложи Воената академија, МАНУ, историчари и експерти, да организираат поширока расправа за делото, ликот и придонесот на Апостолски.

- НОВ како моќен преродбенички процес беше војна во која учествуваа сите и македонскиот народ и народот во Македонија. Апостолски немаше готова војска, туку заедно со сите дејци можеше да ја создава и да дејствува, а истовремено во тоа време нашето војништво достигна највисоко воено ниво. Тој беше многу храбар и талентиран човек и се најде во виорот на војната како едне од најквалитетно образованите луѓе во својата професија и истовремено како национален патриот кој си ја познава историјата на сопствениот народ многу опсежно, рече Атанасовски, додавајќи дека Апостолски како врвен војник имал храброст да донесува одлуки дури и такви од кои би зависел и исходот од самата војна. Како негов војник, но и другар во повоеното време, и денеска, како и на денот кога починал, му поднесе рапорт на неговиот, како што рече, командант, генерал Апостолски, за состојбите во Македонија.

На свеченото отворање на Спомен собата беше емитуван аудио-видео запис со генералот Михаило Апостолски.