Учество на министерот Попоски на Конференција на АСПЕН Институтот, во Берлин

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска учествуваше на Конференцијата на министри за надворешни работи од Југоисточна Европа, која во организација на Институтот АСПЕН се одржа во Берлин, Германија.
 

На Конференцијата, министерот Попоски имаше свое обраќање на панел дискусијата на Министрите за надворешни работи, насловена како „Кво вадис, Западен Балкан?“. Покрај министерот Попоски, свое обраќање на панелот имаa и министрите за надворешни работи на Германија, Унгарија, Турција, Словенија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Албанија и Хрватска.
 

За време на обраќањето министерот Попоски се осврна на генералната состојба со процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан и на перспективата за членство во Европската унија, како силен катализатор за демократски реформи, трансформација и модернизација на општествата во земјите од Регионот.

Спроведувањето на перспективата за членство во Унијата на овие земји е од исклучително значење за задржување на кредибилитетот на Европската унија, локално и глобално. Во таа насока, земјите членки на Унијата од Регионот би требало да имаат најголем интерес за промовирање на членството во Унијата на земјите од Балканот и одговорност за зачувување на кредибилитетот на процесот за проширување на Унијата.
 

Полноправното членство во Европската унија останува стратешка определба за Македонија. Очекуваме земјите членки на Унијата во декември оваа година да постигнат консензус за почеток на преговорите. Македонија, како земја-кандидат за членство веќе седум години, со четири последователни препораки за почеток на преговорите од страна на Европската комисија, е подготвена повеќе од било кој за почеток на пристапните преговори, потенцираше министерот, Попоски. Македонија постигна значаен напредок во исполнувањето на клучните реформи, а преостанатите предизвици со кои се соочуваме ќе  бидат полесно адресирани со почетокот на преговорите.
 

Македонија останува целосно посветена на унапредување и продлабочување на односите со соседите, во насока на градење на мостови на соработка, пријателство и решавање на отворените прашања со почитување на европските вредности и принципи и со промовирање на конкретни проекти за соработка од практичен интерес за граѓаните.

На Конференцијата беа испратени силни пораки за јасните европерспективи на земјите од Западен Балкан, со препорака за целосна посветеност во исполнување на одредбите и критериумите за влез во европското семејство.

Во рамките на својот престој во Берлин, министерот, Попоски имаше средба со претставници од германскиот Бундестаг, а за време на Конференцијата, оствари билатерални средби со МНР на Косово, Енвер Хоџај и со помошник-заменикот на државниот секретар на САД, Филип Рикер.

Министерот Попоски оствари и куса средба со германскиот шеф на дипломатијата, Гидо Вестервеле.