Јанкулоска: Граѓаните да не потпаѓаат на провокации

Секоја демонстрација и акт на насилство заслужува најостра осуда, а потоа и соодветна санкција согласно законот, рече денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, одговорајќи на новинарско прашање во врска со инцидентите во Сарај и Чаир кога беа искинати црковно и државно знаме на Република Македонија.

Според неа, сторителите се уште не се пронајдени, ниту настаните се расчистени во целост.

- МВР ќе продолжи со активностите до целосно расчистување на секој поединечен случај. Во овој момент немам целосни податоци за сторителите поради што не би можела да шпекулирам, напомена Јанкулоска по потпишувањето на Меморандумот за соработка со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Таа апелира граѓаните да не потпаѓаат на какви било провокации иако, како што рече, некој можеби со право се чувствува испоровоциран, и да се воздржат од секакви акти на насилство зашто еден инцидент, води кон друг, а тоа нема да ги смири тензиите, туку може да ги наруши довербата и атмосферата на соживот.

Јанкулоска и во врска со најавеното утрешно одбележување на 100-годишнината од албанската независност во спортскиот центар „Борис Траковски“, порача до граѓаните и до сите кои ќе присуствуваат на прославите и манифестациите, да се воздржат од какви било провокативни однесувања кои би можеле да иницираат тензии или инциденти.

- Имаме информации за утрешните активности и согласно нив ќе настојуваме да имаме соодветно присуство кое одговара на безбедносната проценка, за да не дојде до какви било нарушувања на јавниот ред и мир. Но, како секогаш, клучна е соработката со граѓаните и однесувањето на секој поединец индивидуално, посочи министерката.

МВР од албанските колеги очекува најостра реакција за синоќешните инциденти во Тирана што се случија додека премиерот Никола Груевски беше на средби со својот колега Сали Бериша и на македонско-албанскиот бизнис форум.

- По однос на инцидентите во Тирана очекувам остра реакција на тамошните власти, брзо расчистување на случаите и најостро санкционирање на сторителите, подвлече министерката за внатрешни работи.