УКИМ ќе изготвува национална стратегија за семејството, потпишан Меморандум за соработка со Владата

Национална стратегија за семејството во следните четири месеци треба да изготви Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Оваа обврска што Владата му ја довери на УКИМ се официјализира денеска, со Меморандумот за соработка што го потпишаа министрите за образование и наука и за труд и социјална политика, Панче Кралев и Спиро Ристовски, и ректорот Велимир Стојковски.

Станува збор за стратешки документ кој ќе ги детерминира демографските проблеми во Македонија, ќе ја утврди конкретната состојбата со наталитетот, фертилитетот, миграцијата и ќе даде насоки за нејзино подобрување.

- Во Македонија има тенденција на намалување на стапките на наталитетот и фертилитетот, на процентот на младата генерација, на бројот новозапишани во основни училишта,... Овие податоци не се само бројки и гола статистика, туку предупредување дека е време нешто да се преземе, рече Стојковски.

Во изработката на стратегијата ќе се вклучат голем број експерти, а ќе се работи и на усогласување на повеќе закони од релевантните сфери, здравството, образованието, социјалата и транспортот.

- Намалувањето на наталитетот е проблем на модерното време. Со него се сочуваат голем број земји во светот, вклучително и Македонија. Ако негативниот тренд продолжи со ваков интензитет, ситуацијата ќе стане исклучиетлно сериозна. За намалување на евентуалните последици, Владата пристапи повеќедимензионално, од економски, социолошки, образовен и културолошки аспект зашто е потребна поддршка од сите општествени фактори не само од институциите, нагласи министерот Ристовски.

Во оваа насока, додаде, потребно е вклучување и на приватниот сектор, на бизнис заедницата.

- Само со целосно вклучување на севкупниот општествен потенцијал може да се избориме со овој сензитивен период во кој постојат тенденции за нарушување на семејните вредности и одржувањето на брачната заедница, подвлече Спировски.

Според министерот Кралев, стратегијата треба да ја детерминира фактичката состојба во земјата и да го утврди правецот во кој треба да се движиме. Нема да остане на хартија, туку ќе има конкретен операциски план кој ќе го следат и почитуваат сите институции.

Тој потврдно одговори на новинарско прашање дали и лично ќе придонесе за зголемување на наталитетот во Македонија.

- Цел на секој граѓанин, и моја, е стапување во брак и создавање семејство. Тоа е максималното нешто кое некој може да го оствари во живтотот, напомена Кралев.

Како што изјави проф. д-р Верица Јаневска, освен намалувањето на наталитетот, голем проблем е и миграцијата на младите поради што дел од природниот прираст се реализира во странство.

- Мораме покомплексно да пријдеме на проблемот со оглед дека ситуацијата не е најдобра и во делот на брачните заедници, како и во здравството. истражувањето ќе покаже на што треба да се фокусираме, но се е важно, не може да се зборува за проблемите во наталитетот, а да се изземе морталитетот, рече Јаневска.

Експертите сметаат дека се уште има простор да се намали смртноста на доенчињата и да се подобри образованието на младите, нивното згрижување и вработување, за да не бидат товар на семејството.