ОФФ СЕТ програмите за модернизација на одбраната можност за развој на стопанството

Министерството за одбрана денеска во Домот на АРМ во Скопје на научно-стручна конференција го промовираше концептот „Примена на ОФСЕТ програмите во Република Македонија“.

Министерот за одбрана Фатмир Бесими, во обраќањето потенцира дека покрај концептот на „паметна одбрана“, „ОФФ Сет“ програмата е уште една алтернатива за тоа како порационално и пооптимално да се искористат расположивите ресурси за развој, опремување и модернизација на одбраната.

- Ова се концептите кои се применуваат во значаен дел од земјите на НАТО и ЕУ. Ние сега прв пат го промовираме овој концепт и треба да се видат можностите дали во Република Македонија како мала економија може да се примени, изјави министерот за одбрана.

Предноста на овој концепт, истакна Бесими, е оти средствата кои ќе се користат за одбраната, кои генерално се за модернизација и значат увоз односно одлив на девизи, подвлече, да може да се најдат програми со кои таа инвестиција во модернизацијата на одбраната, ќе значи и инвестиција во развој на технологија и во домашната економија.

За оваа програма, укажа Бесими, крајниот одговор ќе го даде стопанството, а не јас, посочи, како минситер, затоа што со нивното вклучување сега ја отвораме, а не ја наметнуваме темата, со цел да најдеме нови сфери на развој на нашето стопанство. 

Според Мирче Чекреџи, од Сојузот на Стопански комори на Македонија, идејата е базично развојна за македонското стопанство, затоа што во општата глобализација на светската економија само воената индустрија е затворена односно практично е недостапна за македонските компании. Ако буџетските средства кои ќе бидат наменети за развој и за опремување на нашите воени сили, а кои неопходно е да се потрошат, смета, сега се ставаат во една функција на развој на македонското стопанство.

- Ние би биле задоволни ако кога овие аранжмани би се врзувале со домашни производи. Има и други идеи, на пример да се условуваат големите добавувачи на воена опрема, да инвестираат во нашите слободни економски зони и тоа со некој коефициент три, четири и пет. На пример, ако Македонија треба да набави опрема за 50 милони американски долари, услов е таа земја односно нејзините компании, кои не мора да бидат од воената индустрија, да инвестираат по фактор пет, појасни Чекреџи. Тој додаде оти ваквата пракса е постоечка во светот и не е ништо ново и изрази задоволство што МО и АРМ имаат доста сработено на оваа програма, но сепак останува уште да се доработи, за што Комората ќе излезе со свои предлози и ќе даде поддршка таа програма да успее.

Суштината на ОФФ СЕТ програмата, истакна Љубе Дуковски од МО, е да се вршат набави на нова современа воена опрема и вооружување, а истата да се плаќа со домашни производи и услуги, а тоа да биде добро искоориднирано со стопанството и со другите врзани институции. Очекувањата се, посочи, да се забрза динамиката на модернизацијата, квалитетот на нејзиното спроведување, како и да се остварат сите главни проекти кои значат помодерна и поспособна Армија, како што се набавката на современи тродимензионални радари за набљудување на воздушниот простор, набавката на оклопни транспортери на тркала согласно НАТО кодот за оперативни способности и современа комуникациска и нуклерано-биолошка опрема.

- Последните набавки за АРМ со свои средства се комуникациска опрема, неборбени моторни возила, униформи..., пред се од земјите-членки на НАТО, изјави Дуковски.

Посочувајќи оти во МО и во ГШ на АРМ  напорно се работи во развивањето на стратешки документи кои се важни генерално за целата држава, шефот на НАТО канцеларијата за врски во Македонија, полковник Александар Александров, истакна дека тоа резултира со создавање и развивање механизми и правила во поглед на општите НАТо стандарди, но и придонесува за изградба на единствен административен капацитет за раководење на самиот процес.

- Цврсто поддржувам меѓуресорски пристап во импелементацијата на ОФФ СЕТ програма, затоа што е во интерес не само за вооружените сили, туку и за целата земја. процесто треба да биде меѓуресорски, но под раководство на министерствата за одбрана и за економија, а со учество на МНР и за финансии. Политичките аспекти на секоја трансакција треба да се разгледуваат и да се земат предвид, рече Александров. Многу е важно, констатира тој, без разлика на тоа кој ќе биде одговорен во програмите, договорите да се прават и да се контролираат на начин кој ќе го намали ризикот од нивно неисполнување.

Со внесувањето на овие програми во македонската законска регулатива се очекува значително да се олесни набавката на опрема и оружје и да се намалат можностите за злоупотреба.