Груевски: Плаќањето по учинок во интерес на лекарите и ќе опстане, интересот на пациентите ќе биде заштитен
Проектот за плаќање по учинок ќе опстане. Тој е долго подготвуван, добро осмислен и работен заедно со лекарите. Насочен е кон тоа да им помогне на лекарите кои одговорно и посветено си ја вршат работата и да ги охрабри оние кои непрофесионално работат, да станат посветени кон работата, изјави денеска премиерот Никола Груевски.
- Доколку има какви било проблеми со бодувањата подготвени сме да разговараме за тоа, меѓутоа што се однесува до опстојувањето на овој систем, односно до барањето тој да се поништи, не сме подготвени да разговараме за такво нешто затоа што ова е проект што долго го подготвувавме и го ветивме во нашата програма пред граѓаните, истакна Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 20 нови дела од добитниците на Нобеловата награда.
Нагласи дека бодувањата предвидени во проектот биле изработени од лекарите, главно од оние од Клинички центар и оти веројатно голем дел од оние кои сега не се согласуваат со проектот, се автори на тие бодувања.
- Помала група лекари очигледно политички мотивирани го користат проектот за дисквалификација на владината политика во здравството притоа заборавајќи дека токму оваа Влада е онаа што најмногу направи за здравството. Ниту една влада досега не вложила толку инвестиции во здравството како што се набавката на опрема, реконструкцијата на болниците, градбата на нови болници, обуките за лекарите и редица други проекти со кои направивме сериозен пресврт во здравството, рече Груевски.
Најави дека ќе ги прими лекарите кои протестираат против ваквиот модел на работа. - Тие имаат право на штрајк. Тоа е право во секоја демократска држава и ние нема да им го загрозиме тоа право. Ќе добијат можност да се сретнат со мене и ќе им ги укажам овие работи што јавно ги говорам, а потоа е нивна работа што ќе направат, но ние ќе најдеме начин тоа да не се отсликува негативно на пациентите кои почнуваат бескруполозно да ги враќаат од ординациите, потенцира премиерот Груевски.
Според него, се работи за клучна реформа во здравството и како што истакна застанува зад нејзината реализација.
- Сакам да потенцирам дека Владата и јас лично како премиер стоиме зад проектот затоа што тој беше започнат многу пред министерот Тодоров да дојде на оваа функција. Тој го наследи овој проект и кога разговарав со него за да ја преземе функцијата министер за здравство му укажав на овој проект и тој се согласи дека ќе продолжи да го развива. Сакам на сите да им укажам дека не се работи за Никола Тодоров и дали тој замислил вака или онака. Се работи за долго подготвуван, осмислен и професионално подготвен проект заедно со лекарите, рече Груевски.
Истакна дека проектот веќе пет - шест месеци се спроведува и оти природно е во почетокот да има некои пропусти за кои, како што рече, постои подготвени да се доработат заедно со целата лекарска фела.
- За нас е неразбирливо што оваа помала група 16:16лекари се бори нивниот труд да не биде мерен и вреднуван согласно сработеното. Тоа јавува сомнение дека некој сака да не работи доволно, а да има загарантирана плата. Тоа не е дел од модерното време, подвлече Груевски.