Груевски: Ако СДСМ се самоуништува, нема да дозволиме да ја уништи Македонија
СДСМ продолжува со системот за самоуништување, но самоуништувајќи се сакаат да уништат и други и да и направат штета на државата и на поедини категории во државата, нагласи премиерот Никола Груевски одговарајќи на барањето на новинарите да ја коментира блокадата на собраниската Комисија за труд и социјална политика од страна на претседателката Цветанка Иванова.
- Ако СДСМ сака самата да се уништува тоа е нивен избор.Ако сака да има претседател полн со негативна енергија, кој сака постојано да прави интриги и некому да се осветува, нека го чуваат. Но, ние ќе направиме се што е во наша моќ неговата негативна енергија да не направи штета на државата, на пензионерите, на примателите на социјална помош и на сите други. Нема да дозволиме ако тој пропаѓа политички, да пропадне цела држава и народ, рече Груевски по денешната промоцијата на нови дела од едицијата „Превод на литературни дела на добитници на Нобелова награда за литература“.
За премиерот Груевски е неразбрилив начинот на однесување на СДСМ, но, истакна, е штетен за државата, а не само за нив.
- СДСМ се скараа со сите групи во Македонија, ги навредија интелектуалците, професорите, земјоделците, синдикалците, а еве сега се свртеа кон пензионерите. Се обидоа да го спречат зголемувањето на пензиите, зголемувањето на социјалната помош, да спречат и други работи како што се редовните аранжмани кои ги имаме со Светската банка, со што можат да направат непроценлива штета на Република Македонија, посочи претседателот на Владата.
Ќе најдеме начин, потенцира Груевски, да ги надминиме овие појави и нема да дозволиме втор пат пензионерите да бидат казнети од СДСМ.
- СДСМ еднаш ги казни со тоа што кон крајот на 90-те години им ги намали за 8 проценти пензиите и ги лажеше дека тоа мора да се направи бидејќи ќе пропадне „бродот Македонија“ во симболична смисла кажано, ако им се вратат тие 8 отсто. Ние докажавме дека може не само да им се вратат тие 8 проценти, туку и може да се зголемат пензиите како што и дополнително ги зголемивме за 6 проценти, а во овие неколку години ги зголемивме за над 35 проценти пензиите, потсети Греувски и уште еднаш потврди дека во март повторно ќе се зголемат пензиите.
Претседателот на Владата се осврна и на најавите од СДСМ за можна блокада и на аранжманот со Светската банка за 50-те милиони американски долари и за гаранцијата за 250 милиони американски долари.
- Доколку тоа се случи Владата ќе биде принудена да најде алтернативен начин на решавање на овој проблем преку еврообврзници бидејќи за нив не е потребна согласност од Собранието. Но, тоа Македонија ќе ја чини 84 милиони евра штета за период од 7 години. Штетата е затоа што ќе се платат повисоки камати за еврообврзница наместо да се заврши работата на овој начин на кој Светска банка ни издава гаранција со која добивме далеку пониска камата, како што добиваат држави како што се Франција и други поразвиени и поуспешни во Европа и во светот, појасни премиерот Греувски.