Бесими: МО е подготвено за учество во градењето на безбедносниот и цивилен кадар на Авганистан

Денеска во Скопје Министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими се обрати на Регионалната конференција „Регионален пост-ИСАФ ангажман – научени лекции и наследството за А-5 државите во идните екседициски мисии“, која е во организација на Евроатлантскиот совет на Македонија.

Министерот Бесими имаше свое обраќање со Николас Вилијас преставник на НАТО и амбасадорот на САД во РМ Пол Волерс. Воедно ќе се воспостави директна видео конференциска врска со Авганистан од каде се очекува да се јави Норула Јан Ахмаѕаи од мисијата на Обединетите нации во Кабул.

Во своето обраќање министерот Бесими нагласи дека „Научените лекции кои нашите мировници ги стекнаа за време на десет годишната посветеност во Авганистан едноставно се поклопуваат со заклучоците кои официјалните политички претставници на земјите членки на НАТО, но и експертите ги втемелија во Новиот стратешки концепт од ноември 2010-та година.

Од насоките кои произлегуваат од овој документ две се од исклучителна важност за перцепциите кои треба да ги градиме околу нашето ангажирање во Авганистан по 2014 година.

Прво, фактот дека НАТО ја препознава важноста од соработката со земјите партнери, јасно изразена преку рамките и насоките поставени во т.н. „кооперативна безбедност“-една од трите нови основни мисии на НАТО. И второ, во склад со стекнатото искуство и потребата од поинаков пристап кон современите безбедносни закани, важноста на цивилно - воената соработка за оперативниот успех„.

Министерот за одбрана смета дека споделување на корисните искуства или т.н. бест працтицес, издржаните опсервации, идентификуваните или научени лекции, би било од непроценливо значење за градењето на сопствени одбранбени капацитети, а во конкретниот контекст и планирањето на нашето идно учество во експедициони мисии.

Според него со приближувањето на моментот кога НАТО ќе ја предаде воената контрола на националните авганистански сили, Министерството за Одбрана на Република Македонија  е подготено да  продолжи со обезбедување на компонентата за обука и тренинг на авганистанските безбедносни сили со нашите партнери во регионот во рамки на Јадранската Повелба, со тенденција на зајакнување на овој придонес.

Воедно,  Министерството за Одбрана ќе ги разгледа доставените идни по барувања и во рамки на своите можности понуди иден соодветен ангажман кој ќе биде полезен за самата Алијанса, светскиот мир, како и одржување на нашата кондиција за потврда и надградба на нашите специјални одбранбени капацитети или т.н. ницхе цапабилитес. Истиот може да биде во делот на градење на одбранбени капацитети, асистенција во градењето и трансформацијата на безбедносниот сектор на Авганистан.

Според министерот Бесими Република Македонија како земја која сака да ја предводи регионалната соработка, смета дека таа е исклучително плодна платформа преку која можеме да придонесеме кон подобар и поквалитетен живот на народот во Авганистан.

Преку заедничките проекти, ќе можеме да ги здружиме напорите, да понудиме поквалитетни решенија и да дадеме поголем придонес во напорите кои НАТО ги вложува во Авганистан. На тој начин, индиректно ќе придонесеме и кон јакнење на мирот и безбедноста во регионот, со што ќе ја потврдиме тезата за извоз на мирот„ рече меѓудругото Бесими.

Министерството за одбрана, со промоцијата на Регионалниот центар за мир, „де факто“ ќе го зголеми практичниот придонес во промоцијата и одржувањето мирот и соработката, но и човековите права и слободи. Всушност, овој центар ќе има можност во голема мера да помогне и во изградбата на цивилните капацитети во Авганистан, по 2014 година.

Претставниците од владиниот и од невладиниот сектор, истражувачите, академските преставници како и членовите на тинк-тенк општеството, преку оваа конференција имаат можност да ги споделат своите идеи и погледи во врска со сите аспекти поврзани со темата. Целта на оваа конференција е воедно и да понуди ефективни и практични решенија и препораки за земјите од Западниот Балкан, во насока на идниот развој на регионалното пост-ИСАФ ангажирање.

Оваа конференција во организација на Евроатланскиот совет на Македонија претставува и одлична можност за размена на националните погледи во поглед на ангажманот после ИСАФ.