Прва екосоцијална електронска продавница за алтернативен туризам во Македонија

Во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска беше промовирана првата еко-социјална електронска продавница за алтернативен туризам во Македонија Резервирај Ме (www.rezervirajme.com).

Во продавницата, финансирана од МИОА, посебен акцент се става на природните убавини, историјата и културата на Македонија, со големи можности за афирмација на алтернативните форми на туризам, преку понуди за сместување, храна и организирање туристички тури со домашни и странски туристи, информира Биљана Стевановска, директор на Rезервирај Ме и на граѓанската организација ОРТ.

Ќе може по електронски пат да се вршат резервации за туристички прошетки низ Македонија  во хотели, вили, викендички, етно куќи, ресторани, рибници, гостилници, фестивали, концерти, кина, туристички прошетки, спа центи. Нуди и можности за резервација на услуги за свечености, за семинари, како  и зимски и летни аранжамани и новогодишни пакети.

Екосоцијалната страна на продавницата се состои во тоа што  парите од профитот ќе се наменат за вработувања и заштита на животната средина.

Според министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, интересот кај граѓаните од претходно промовираните електронски продавници преку МИОА е  голем. - Само тила.мк, што е промовирана  пред неполни шест недели, има над 10.000 посетители на веб страницата, а веледрогеријата  Мартиалко над 3.600 посетители. Не верувам дека доколку тие би останале  на класичната продавница би имале толку голем број посетители за само три до шест недели, рече Ивановски.

Според статистичките податоци, наведе, од граѓаните кои купувале на интернет во Македонија во првиот квартал од годинава, 19,4 проценти резервирале хотелско сместување и други сместувања за одмор, а 12,4 проценти  купиле билети за настани, кино, театар, опера....

Во првиот квартал од годинава, презентира Ивановски, во Македонија 64,2 проценти  од испитаниците опфатени со анкета на Државниот завод за статистика поседуваат компјутер во домаќинствата што е за 3 проценти повеќе во однос на  истиот квартал лани, а 58,3 проценти имаат  интернет што е пораст од 3,3 проценти. Но, од особено значење е тоа што дури 58,1 процент се корисници на широкопојасен интернет, што е зголемување за 16 проценти во споредба со 2011 година, рече Ивановски.

Тој  презентира и истражување на Гугл спроведено во САД во октомври годинава, а во кое  51 процент од испитаниците се изјасниле дека пред новогодишните празници ќе истражуваат преку интернет, а ќе купуваат во продавници. - Тоа е во држава која електронската трговија ја почна пред десет години и каде оваа гранка е најразвиена. Од оние што ќе купуваат на интернет, 44 проценти ќе истражат и ќе го купат на интернет, 17 проценти ќе посетат првин продавница, а ќе  купат на интернет, а 32 проценти ќе истражат на интернет и потоа ќе  посетат продавница за да се осигураат, но сепак производот ќе го купат на  интернет, рече Ивановски.

Тоа истражување, додаде, покажало дека интернетот, со 80 проценти, ја предводи листата на  медиуми каде граѓаните се запознаваат со понудата на приватниот сектор. По интернетот следат брошурите, реклами во продавниците, каталозите, ТВ рекламите, дневните  весници, продавачите, магазите и радиото.