Советот за култура расправаше за издавачката дејност
Советот за култура на денешната седница ги прифатил решенијата за издавачка дејност вградени во Националаната стратегија за култура, која е во владина процедура.
Меѓу нив се основање центар за книга како специјализирана и координативна институција, достапност на малцинските книжевни творци преку поддршка на двојазични електронски изданија, поддршка на маркетингот во издаваштвото, финансиска помош на странски издавачи за преводи на дела од македонската литература со високи книжевни вредности, објавување електронски изданија на печатени книги, одобрување на законската регулатива во издаваштвото...
- Издавачката дејност е високо на листата на приоритети на Министерството за култура, што се потврдува со поддршката на голем број проекти и на капитални проекти со кои настојуваме да ја пополниме евидентната празнина во македонската култура и литература, да ги доближиме делата на светските автори до македонските читатели, но преку овие проекти се трудиме да ги афирмираме и неспорните македонски книжевни вредности во меѓународен контекст, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција на која ги соопшти и заклучоците што прозилегле на денешната седница на Советот.
Членовите предложиле поголем буџет за откуп на самостојно објавени изданија, зашто така ќе се зголеми библиотечниот фонд. Во 2012 година за откуп биле наменети 3 милиони денари (во рамки на вкупниот буџет за издаваштво од 80 милиони денари) и биле откупени 4.715 публикации.
Препорачано е и проектот 130 тома македонска книжевност да се преведе во антологиски приказ и на албански и на турски јазик. Обемната едиција веќе е преведена на англиски и дистрибуирана во над 400 странски библиотеки, а во антологиска форма ќе се преведува и на уште шест јазици (германски, шпански, француски, руски, арапски и кинески). Канческа-Милевска соопшти дека е донесена одлука 25 дела од таа едиција на албански и на турски јазик да бидат преведени на македонски јазик. Покрај овој, Министерството продолжува уште два крупни книжевни проекта - едицијата „Нобеловци“ која е надградена со уште 41 наслов, и „Ѕвезди на светската книжевност“ која ќе брои 560 наслови, а нови 40-ина ќе бидат промовирани в недела.
Советот денеска заклучил покритично да се избираат списанијата што ќе добијат поддршка од Министерството за култура преку Годишната програма и тие да бидат повеќе достапни до библиотеките, односно до читателите.
Претседателот на Советот за култура академик Цветан Грозданов очекува реализација на зацртаните планови во Националната стратегија за култура, нагласувајќи дека МАНУ и посветила големо внимание и сериозно и пристапила.
- Многу би бил среќен ако успееме барем делумно да го реализираме тоа. Тој е амбициозен, но реален и студиозен документ, рече Грозданов на прес-конференцијата.
Во 2012 година Министерството за култура поддржало објавување 395 публикации, 44 списанија, 14 прокети од електронското издаваштво и 22 програми на здруженија. Преводната литеартура се продуцира и со средства од европските фондови, од Програмата на ЕУ за култура 2007-2013. Според заклучоците на Советот, Саемот на книга е меѓу најпосетените саемски манифестации во Македонија.