Јанакиески: Аеродромот на вода во Охрид нема да биде цврста и бетонизирана градба

Аеродромот на вода во Охрид нема да се гради како цврста и бетонизирана  градба, туку станува збор за обележување на Охридското Езеро за да се воспостават одредени норми за полетување и слетување, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при денешната посета на Струга.

Тој рече дека за изградба на најавениот аеродром веќе се пријавила една заинтересирана компанија, но претходно мора да се создаде правна регулатива.
 
- Екипа составена од повеќе институции работи на разгледување на таа иницијатива, а во наредниот период ќе имаме и средба со заинтересираната компанија. Треба да создадеме правна регулатива, но внимаваме да се запазат високите еколошки стандарди, што значи работиме заедно со Министерството за животна средина. Правилниците ќе бидат доставени до други релевантни меѓународни институции. Внимаваме максимално на еколошките стандарди бидејќи занеме дека Охридското Езеро е заштитено од УНЕСКО и затоа тие мора да бидат високи, истакна  Јанакиески. 
 
За оваа инвестиција во Охрид се работи во координација со турската компанија ТАВ која управува со аеродромите во Македонија.
 
- Заедно работиме со турската компанија бидејќи во самиот концесионерски договор стои дека доколку друг аеродром или друга полетна патека се даде на управување, мора да се согласува со самиот концесионер. Така што, се уште е рано да се изјасниме и треба да се разгледа внимателно доставената документација од една компанија, додаде  Јанакиески.