До директорите на ЈЗУ доставен бодовник за плаќање по учинок што се користи во САД

До директорите на јавните здравствени установи (ЈЗУ) е доставен бодовникот со тежинските коефициенти што се користи за медицинските интервенции и процедури во Соединетите Американски Држави (САД). Целта е да се спореди бодовникот што се користи во САД со интервенциите и тежинските коефицинети што ЈЗУ сами ги имаа дефинирано во врска со користењето на системот за Плаќање по учинок, информира Министерството за здравство.

Доставеното е со цел уште подобра имплементација на системот за Плаќање по учинок, и врз основа на разговорите во Владата помеѓу премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров со претставници на синдикатите на лекарите.

- Договорено е евентуалните коментари и забелешки во однос на тежинските коефициенти и интервенции од САД и нивната примена во нашите ЈЗУ да бидат доставени до Министерството за здравство во следниот период. По тој период, се очекува прилагодување на тежинските коеефициенти и интервенции од страна на самите ЈЗУ согласно бодовникот од САД, соопшти Министерството за здравство.

На овој начин, се додава во соопштението, веруваме дека врз основа на еден светски објективен и кредибилен систем за вреднување на трудот на лекарите, ќе овозможиме дополнително унапредување на вреднувањето на лекарите во Република Македонија преку системот за Плаќање по учинок.

- Потенцираме дека остануваме посветени на новите стандарди што ги воведуваме во здравствениот систем, кои почиваат на принципите на квалитет, непристрасност и чесност, и кои во својот фокус и за своја главна цел ги имаат пациентите, за кои и постои здравствениот систем, се посочува во соопштението.