Адеми:Ангажман од сите за справување со климатските промени

Невладиниот сектор е важен партнер во развивање и реализирање на политиките за справување со климатските промени, оцени министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми.

Тој на денешното учество на 9. Годишна средба на граѓански организации кои работат на полето на животната средина во Република Македонија подвлече дека учество на сите засегнати страни во донесувањето одлуки е неопходно за правилното донесување одлуки и за обезбедување одржливост на развојот.

Во невладиниот сектор бараме и гледаме партнер и на национално и на локално ниво за реализирање на предизвикот за намалување на климатските промени и адаптирање на ранливите сектори кон истите, рече ресорниот министер.

Областа климатски промени, според Адеми, бара мултисекторски пристап, научно-засновано донесување одлуки, како и учество на граѓанскиот сектор. Потребата за зајакнување на свесноста за прашањата од областа на климатските промени е адресирана и во последниот извештај за напредокот на нашата држава од страна на ЕУ. Во таа насока, Министерство веќе изработува комуникациска стратегија за климатски промени во рамки на Третиот национален извештај за климатски промени поддржан од УНДП, потсети Адеми, нагласувајќи дека во завршна фаза е изработката на Извештајот за управувањето со климатските промени на локално ниво. 

Игор Славкоски, директор на невладината Милиеуконтакт Македонија најави две годишен проект кој ќе се спроведува со финансиска поддршка на УСАИД за реализација на проекти за заштита на животната средина и климатските промени. Целта на проектот, според него, е да се подготват чинителите во општините поуспешно да се справат со последиците од климатските промени. Проект опфаќа три компоненти, правење стратегија со учество на целото општество и експертска поддршка, зајакнување на капацитетите на локално ниво која ги опфаќа локалните здруженија на граѓани, општинската администрација и други институции кои би работеле на проблематиката за климатските промени и спроведување итни акции и пилот проекти, истакна Славкоски. Проектите, појасни тој, може да вклучат активности околу изградба на потпорни ѕидови, подобрување на речни текови или конкретни интервенции на природни ресурси.

На средбата претставниците на невладините орагнизации од земјава имаа можност да укажат на проблемите со кои се соочуваат и побараа од министерот заеднички да се заложат за поголеми финансиски средства за заштита на животната средина.