Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ од Охрид одбележува три децении од постоењето

Специјалната болница за превенција, лекување и рехабилитација од кардиоваскуларни болести „Свети Стефан“ од Охрид денеска со пригодна свеченост ја одбележа 30-годишнината од основањето.

Директорот на установата, Никола Бакрачески истакна дека тридеценискиот јубилеј ги прави горди сите вработени не само за постигнатото во минатото, туку и на сите нови методи, процедури и постапки, воведени со цел унапредување на здравствената нега на населението од тој дел на земјата.

- Тој јубилеј не тера да подзастанеме на миг, да погледнеме наназад што се сме сториле, но истовремено да чекориме понатака во остварувањето на нашите планови и нашиот развој во иднина, за кој секојпат сметаме дека ќе биде чекор понапред од денешниот ден, рече Бакрачески.

Министерот за здравство Никола Тодоров, кој присуствуваше на свеченоста по повод годишнината на Заводот, истакна дека навистина установата се претвара во кредибилна здравствена институција, значаен сегмент од македонскиот здравствен систем, особено што се работи за интервентна кардиологија, област што третира заболувања кои предизвикуваат најголема смртност во светот и кај нас.

- Во таа насока Министерството за здравство почнувајќи веќе од наредната година ќе донесе посебна раазвојна програма, во која значаен сегмент ќе биде издвоен токму за Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиовакуларните болести во Охрид, додаде Тодоров.

Заводот „Свети Стефан“ во Охрид е формиран во 1982 година, прераснувајќи во респектибилен регионален кардиолошки центар каде се лекуваат и рехабилитираат пациенти од Македонија и соседните држави. Од 2006 година тука се вршат интервенции од областа на интензивната кардиологија. Установата може да се пофали со импозантни бројки, со спроведени над 400 илјади дијагностички процедури, повеќе од 180 илјади амбулантски третирани пациенти и над 60 илјади болнички третирани пациенти. Самите бројки укажуваат на потребата од проширување на просторките капацитети на Заводот, така што во тек е процедура на изнаоѓање решение за негова дислокација или проширување.

- Заедно со Министерството за здравство преку еден координиран процес трагаме по најдоброто решение, за Заводот да добие конечно да добие простории што ќе овозможат натамошен развој на институцијата, нагласи Бакрачески, додавајќи дека тоа треба да се бара преку соодветни простории што ќе озовможат непречена дејност на установата, но и да соодветствува на реалните финансиски можности што Министерството може да ги издвои за таа намена.

Како можни опции за таа намена се две локации, во објектот на поранешната Специјална детска болница или недоизградениот објект на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“, која исто како и Кардиолошкиот завод опслужува пациенти од целата држава и поширокиот регион.