Тодоров: Позитивниот моментум во преговорите да се искористи за надминување на недоразбирањата со здравствените синдикати

Министерот за здравство Никола Тодоров денеска во Охрид истакна дека позитивните придвижувања во преговорите со синдикатите од здравство треба да се искористат за надминување на несогласувањата.

Тодоров, кој денеска во Охрид присуствуваше на одбележувањето на 30-годишниот јубилеј од основањето на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларните болести „Свети Стефан“, одговарајќи на новинарски прашања уште еднаш повтори дека не му е својствено преговорите да се водат преку медиумите, уште повеќе лично цени оти дигнитетот на целиот здравствен систем и на самата професија не дозволува тоа да се прави преку средствата за јавно информирање.

- Многупати напоменав дека не ми е својствено преговорите да се водат преку медиумите. Сметам дека дигнитетот на целиот систем и на самата професија не дозволува тој тип преговори да се водат преку медиумите. Затоа и постојано избегнувам да давам оценки за тоа како течат разговорите, меѓутоа сметам дека во овој момент има позитивно придвижување и треба да го искористиме овој моментум да се најде начин како да се заврши целата работа, истакна Тодоров.

На новинарско прашање во врска со стопанисувањето со паркинг-просторот на Клиничкиот центар во Скопје, Тодоров рече дека се работи за една од негативностите што во наследство се оставени од претходната политичка гарнитура.

- Се работи за еден штетен договор склучен во време на управувањето на СДСМ. Тој договор е поништен со правосилна судска одлука и затоа е вистина кога говориме дека нема кредибилитет СДСМ да говори за мерки и политики што треба да се водат во здравството кога ваквите одлуки го покажуваат спротивното, рече Тодоров.

Појасни дека откако со правосилна судска одлука тој паркинг-простор  и е вратен во користење на државата, Владата корисничкото право му го пренела на градот Скопје, со тоа што поделбата на приходите ќе се регулира на начин што средтвата остварени од наплатата за паркирањето ќе се делат по една третина за градот, за јавното претпријатие што ќе управува со просторот и една третина за буџетот односно за Министерството за здравство.

- На тој начин и градот Скопје и државата ќе имаат приходи од просторот, кои натаму ќе бидат наменети дел за потребите на општината Скопје, дел за инвестиции во областа на здравствената заштита, додаде министерот Тодоров.