ЕСС со осуда и барање за деблокада на Собранието и донесување на Буџетот
Економско - социјалниот совет денеска изрази загриженост за блокадата на работата во Собранието поради која е неизвесно донесувањето на Буџетот за 2013 година.
Ваков став изнеле сите чинители на Економско-социјалниот совет на денешната седница. Бараат да се деблокира работата на Собранието и што поскоро да биде донесен Буџетот за идната година.
- Економско-социјалниот совет донесе став со кој ја изрази својата загриженост од аспект на недонесувањето на Буџетот за 2013 година и блокирањето на Собранието, односно на расправата со илјадници амадмани со кои се оневозможува донесување на буџетот, а со тоа се доведува во ризик и функционирањето на државата, изјави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски по завршувањето на ЕСС.
Синдикатите и работодавачите со став дека не е време да се актуелизираат вакви состојби во државата и оти во услови на криза не треба да се оневозможи исплатата на платите на работниците и функционирањето на безбедносните и одбранбените структури во државата.
- Не е време да се актуелизираат вакви состојби, туку треба сите да помогнеме да се извлече државата од кризата и да се овозможи реална и стабилна атмосфера и исплата на пензиите и социјалната помош. Буџетот не го создаваат политичките партии, туку тој е резултат на работењето на компаниите и трудот на работниците, истакна Живко Митрески од Сојузот на синдикати на Македонија.
Според Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија, мора да се изгради традиција донесувањето на буџетот да биде транспаретно и во него да учествуваат сите заинтересирани страни, а неговото донесување во Собранието да биде свечен чин.
Договорено е од идната година Предлог-буџетот да биде разгледуван и на Економско-социјалниот совет со цел социјалните пратнери активно да учествуваат во неговото креирање.
На денешната седница разгледано е и прашањето за неколкуте загубари како што се ОХИС, ЕМО Охрид, Еврокомпозит и Тутунски комбинат. Договорено е во следниот период преку преговори да се најде сеопфатно решение за проблемот.
- Проблемот на вработените се разгледува со сериозност од секој аспект. Во комуникација со синдикатите ќе бараме решение. Нашите очекувања се дека во следниот период ќе бидат решавани прашањата кои ги засегнуваат вработените во компаниите загубари, но апелирам никој да не ги злоупотребува овие луѓе затоа што станува збор за работници кои не по своја вина се најдоа во оваа ситуација. Неправилното функционирање во компаниите не е нивна вина, нагласи Ристовски.