Македонија примена во Дунавската комисија во Будимпешта со статус набљудувач

Република Македонија со едногласна одлука на 11 држави членки на Дунавската комисија во Будимпешта е примена со статус набљудувач во оваа европска организација, која вчера ја одржа 79. сесија. 

Македонскиот амбасадор во Унгарија Дарко Ангелов во пристапното обраќање пред членовите на Комисијата се заблагодари за приемот во организацијата и го истакна интересот на македонските власти за зголемена трговска соработка со државите од дунавскиот басен, преку користење комбиниран патен, железнички и речен транспорт за пристап до пазарите на државите членки и поширокиот европски пазар.

Преку Коридорот 10, Република Македонија остварува директна комуникација со пристаништата на реката Дунав и таа транспортна опција во иднина сé повеќе ќе добие на значење со комплетирањето и модернизацијата на преостанатите делници од автопатското и железничкото поврзување низ овој Паневропски коридор. Преку учеството во работата на Дунавската комисија, Македонија очекува да ја зголеми вклученоста во развојот на транспортните коридори поврзани со реката Дунав и ќе овозможи нови, алтернативни и економични транспортни опции за македонскиот извоз, стои во соопштението.

Во него се додава, дека по повеќегодишен застој, поради конфликтите на територијата на поранешна Југославија и со отстранување на бариерите со урнатите мостови во Србија, во последно време значително е зголемен обемот на трговска размена со транспорт по реката Дунав. Во комбинација со патните и железничките поврзувања, сé повеќе компании се одлучуваат за оваа најевтина форма на транспорт преку користење на речните и каналските коридори во Европа.

Дунавската комисија е меѓувладина организација основана во 1948 година со мандат за регулирање на транспортот по реката Дунав и за приклучувањата кон поврзаните речни, каналски, патни и железнички коридори. Составена е од единаесет држави членки и осум држави-набљудувачи, со секретаријат во Будимпешта.