Заврши првата фаза од проектот „Безбедни училишта - хармонична средина“

За 11 месеци од почетокот на 2012 полицијата регистрирала 140 инциденти во училиштата, од кои 77 во Скопје, а следуваат во Тетово, Битола, Охрид и во други поголеми општини. Според податоците на МВР од досега расчистените случаи, во инцидентите биле вмешани 144 осомничени лица, од кои најголем дел ученици.

До крајот на ноември МВР поднело кривични пријави против 16 сторители за различни кривични дела, како и 53 барања за прекршочна постапка против 128 сторители, најчесто за физички напад. Телесни повреди во инцидентите добиле 130 лица, од кои кај 11 тие биле потешки. Во еден случај бил употребен сигнален пиштол, а во 12 тврди и остри предмети. Во 124 случаи била употребена физичка сила.  

Статистиката ја соопшти министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на одбележувањето на крајот од првата фаза од проектот „Безбедни училишта - хармонична средина“ кој во изминатите шест месеци го спроведуваа Мисијата на ОБСЕ, МВР, МОН  и ЗЕЛС.

Јанкулоска ја нагласи важноста од координирана превенција за анулирање на инцидентите за тие да се спречат пред да се случат.  

- Насилството кај младите не е само реален социопатолошки феномен, туку и појава која води кон натамошно девијантно регрутирање на младите. Многу е тенка и лесно кршлива границата меѓу алармантното негативно поведение на младите изразено преку, благо речено, нарушување на нормативите на јавниот ред и мир со класично криминално поведение нормирано во кривичната регулатива, рече Јанкулоска.

Амбасадорот на ОБСЕ Ралф Брет истакна дека пилот-проект за безбедност во средните училишта во 2010 и 2011 е спроведен во Велес, Куманово и Пробиштип, а оваа година е проширен и во општините Битола, Тетово, Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Македонски Брод.

- Проектот ги зближи наставниците, родителите, учениците, полицијата, службите за социјална работа и останатите засегнати членови на заедницата, заеднички да се осврнат на прашањето за безбедност во училиштата, рече Брет, додавајќи дека активностите треба да продолжат.

Министерот за образование и наука Панче Кралев истакна дека проектот е уште една алатка во севкупниот ангажман на институциите во Македонија за борба со насилството воопшто и за негово превенирање уште од најрана возраст.

- Насилството врз децата е еден од најсериозните проблеми кои го загрозуваат нивниот развој, здравјето, основните права, достоинството, а во крајни случаи може да го доведе во прашање и нивниот живот. Наша заедничка одговорност - на образовните институции, невладините организации и на останатите партнери - е во континуитет да креираме подобри услови за безбедно растење и развој на учениците, додаде Кралев.

Проектот опфати 29 училишта и резултатите се позитивни, оцени градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски. - Гледам голем напредок, а показател за тоа е намалувањето на инцидентите во училиштата и во нивната околина. Убеден сум дека понатаму ќе имаме уште поголем успех, истакна Трајановски.