Министерство за правда: Резиме на одговорите дадени за забелешките од извештаите на КПТ
Во однос на забелешките дадени во извештаите на Комитетот против тортура од Советот на Европа Ве информираме за следното:
За прв пат по многу извештаи од КПТ нотиран е позитивен напредок
-Нотирани се :
- реконструкција на постоечките објекти
- изградба на нови капацитети
- донесени се нови правилници
- и подобрен е статусот на вработените
Во еден од нотираните факти се спомнува - злоупотреба во секторот обезбедување , каде што има изработено Упатство за внатрешна контрола кое упатство секој затвор поединечно треба да го применува
Со новите законски и подзаконски акти се настојува да се превенира и да се спречи злоупотребата во затворите.
Поведена е дисциплинска постапка против 42 вработени а на 5 лица им престанал работниот однос. Исто така важно е да напоменеме дека ригорозно се постапува со сите кои ја злоупотребуваат службената должност и безбедноста на затворениците,
Препораките дадени од страна на Европскиот комитет за превенција од тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во Извештаите од посетите извршени во периодот од 21.09-1.10.2010 година и од 21-24.11.2011 година главно се фокусирани на следните области:
- сместувачките услови во КПУ
- третманот и постапувањето со осудените лица
- здравствената заштита на осудените лица;
- менаџирањето со КПУ
- бројот и капацитетите на вработените во КПУ
Министерството за правда - Управата за ивршување на санкциите, согласно дадените препораки континуирано презема мерки и активности во насока на подобрување на состојбата на затворскиот систем во Република Македонија.
- Обезбедени се средства од 2.100.000,00 евра и се очекува да започне со реализација на Проектот ИПА 2009,со кој се поддржува изработка на Национална Стратегија за развој на затворскиот систем во РМ со која ќе се идентификуваат позитивните и негативните аспекти на функционирањето на целокупниот затворски систем и врз основа на постоечката состојба ќе се постават конкретни цели и ќе се понудат реални решенија за подобрување на состојбата.
ПРЕЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА УСЛОВИТЕ ЗА СМЕСТУВАЊЕ НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА:
КПД Идризово:
- Извршено е и комплетно реновирање на второто крило со капацитет од 140 осудени лица кое во јуни 2012 година е ставено во функција;
- Завршено е комплетно реновирање на петтото крило и стражарските кули
- Медицинско одделение за пациенти (Амбуланта) е целосно реновирано, окречено, ставени се во функција ново купатило и тоалет и извршена е дезинфекција, дератизација и дезинсекција на целиот објект
Проект: “Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Македонија” Вредноста на проектот изнесува 52.000.000 ЕУР, од кои 46.000.000 ЕУР се заем на Банката за развој при Совет на Европа и 6.000.000 ЕУР се учество на Владата на Република Македонија.
Во рамките на овој проект ќе бидат изградени или реновирани 63.000 метри квадратни односно опфаќа обнова, реновирање и изградба на нови објекти во четири установи и тоа: КПД Идризово, ВПД Тетово, Затвор Скопје и Затвор Куманово.
Изградбата на објекти во комплексот на Затвор Куманово е во завршна фаза и се очекува на почетокот на следната година да биде ставен во употреба.
Изградбата на првата фаза на КПД Идризово ќе започне на почетокот на следната година.
Со реализацијата на овој Проект во значителна мера ќе се зголеми капацитетот на казнено-поправните установи и ќе се овозможат услови за престој на осудените лица согласно меѓународните стандарди.
ИПА Проект 2010 за Воспоставување на посебна пробациска служба во Република Македонија во рамките на кој опфатени се активности за подготовка на Закон за пробација и воспоставување на пробациската служба во РМ.
Во тек е подготовка на Стратегија за развој на Пробациската служба во РМ и фискални импликаци за нејзина имплементација, која треба да биде завршена до март 2013 година, пред почетокот на ИПА Проектот2010 година.
Со воспоставување на пробациската служба ќе се намали бројот на затворската популација и ќе се овозможи изрекување на алтернативните мерки на казнување во пракса.
АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ТРЕТМАНОТ НА ОСУДЕНИТЕ ЛИЦА:
Во насока на унапредување на процесот на извршување на санкциите и подобрување на третманот на осудени лица, во 2011 година заокружена е легислативната рамка со која се регулира извршувањето на санкциите, меѓу кои особено значајни Правилник за распоредување, класификација и разместување на осудените во казнено-поправните установи (Сл.весник на РМ 173/2011); Правилник за начинот на користење на погодности на осудени лица (Сл.весник на РМ 173/2011) и Унифициран Куќен ред за сите установи кој стапи во сила јануари 2012 година. Исто така, изработен е инструмент за проценка на ризик на осудени лица со кој се врши глобална проценка на ризик од рецидивизам и се идентификуваат потребите на осудените лица за време на издржување на казната затвор.
Меѓудругото, изработени се и од ноември 2012 година во сите КПУ активно се применуваат Процеси и Протоколи за постапување и работа во КПУ.
Со донесувањето актите со кои се регулира извршувањето на санкциите создадени се унифицирани критериуми за третман на осудените лица без разлика во која установа издржуваат казна затвор и решавање на конкретните проблеми со кои секторот за ресоцијализација се соочуваше во текот на нивното секојдневно работење.
ПРЕЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНА ЗАШТИТА НА ОСУДЕНИ ЛИЦА
Изработена е Стратегијата за здравствена заштита на осудените лица, која е доставена до Владата на усвојување.
Со цел надминување на проблемот со недоволниот медицински персонал во КПД Идризово, покрај петте лекари и медицинската сестра кои се во редовен работен однос, дополнително на волонтерска основа се ангажирани двајца лекари и четири медицински сестри.
ПРЕЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО КПУ
Имајќи ја во предвид потребата од усовршување на менаџерските споспособности на раководниот кадар во затворите преземени се следните мерки:
- во соработка со Холандската амбасада во рамките на Проектот “Градење на капацитетите на средниот менаџмент во КПУ” од страна на УИС се спроведоа повеќе обуки на средниот менаџмент во сите КПУ
- во рамките на Проектот ИПА 2009 по барање на УИС обезбедени се средства за одржување на посебни обуки за менаџирање со кои ќе бидат опфатени како директорите на установите така и средниот менаџмент во сите установи.
- Преземени се соодветни мерки за поефикасно распоредување на персоналот во секторот за обезбедување во установите со што е зголемен бројот на вработените кои работат во дневна смена,
- сеуште е во сила Заклучокот од Владата на Република Македонија со кој се задолжува Министерството за финасии да дава согласност за пополнување на испразнените места во КПУ и ВПУ, по основ на пензионирање, раскинување на договор за вработување и друго.
- до создавањето на услови за нови вработувања со постојан работен однос, во КПД Идризово се ангажираат стручни лица врз основа на договор за волонтирање, меѓу кои е ангажиран и психолог со што е извршено е комплетирање на стручниот тим.
- КПУ се должни да прават Годишен план за соодветна правична застапеност на заедниците при што ќе треба да се води сметка за правичната застапеност на припадниците на заедниците при новите вработувања.
- Донесена е посебна Програма за задолжителна почетна и континуирана обука за вработените во КПУ и ВПУ согласно која континуирано се спроведуваат обуки на затворскиот персонал.
Со цел воспоставување на ефикасен контролен систем во КПУ од страна на УИС изработено е посебно Упатство за внатрешен контролен систем во КПУ и ВПУ кој ги вклучува сите видови на контрола над работењето во КПУ и ВПУ со што се создадени услови за спроведување на работниот процес согласно законската и подзаконската регулатива, како и со плановите за работа и процедурите за работа во КПУ.
ПРЕЗЕМЕНИ АКТИВНОСТИ ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА ВО КПУ
- Изработен е Акционен план за спречување и борба против корупцијата кај вработените во КПУ и ВПУ кој е донесен во 2009 година и континуирано се преземаат активности за имплементација на воспоставените механизми за превенција, контрола и ефикасно справување со појавите на коруптивно однесување кај вработените во казнено-поправните установи.
- Функционира Телефон за пријавување на корупција на кој можат да се пријават коруптивни дејствија во КПУ и ВПУ во Република Македонија
- Изработени се Стандардни оперативни процедури за постапување на државните службеници во УИС и во КПУ и ВПУ, во случај на пријавување на кривично дело поврзано со корумптивно однесување кои активно се применуваат во сите казнено-поправни установи.