Македонија доби 50 милиони евра од ИПА фондовите за железничка и патна инфраструктура

Вкупно 50,3 милиони евра од третата компонента на ИПА-фондовите за периодот 2012 - 2013 ќе бидат вложени во изградба на железничка и патна инфраструктура. Како што соопшти министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, средствата и се веќе и официјално на располагање на Македонија, а треба да се потрошат најдоцна до 2017 година.

За железничка инфраструктура се планирани 11,5 милиони евра, а за патна 38 милиони евра.

На веб-страницата за тендери на Европската унија денеска е распишана објава за подготовка на основен проект и тендерска документација за изградба на нова железничка делница од Кичево до границата со Република Албанија долга 63 километри, како дел од Коридорот 8. Со тоа практично почнува постапката за избор на консултант. Договорот се очекува да биде склучен во втората половина на 2013 година со времетраење од 24 месеци и буџет во износ од осум милиони евра.

- Со ова Владата уште еднаш ја потврдува стратешката определба за финализирање на оската исток-запад, односно комплетирање на железничкиот Коридор 8 како заеднички приоритет за земјите од регионот во насока на поврзување на транспортните текови од Јадранското и Јонското со оние од Црното Море, рече Јанакиески на прес-конференција.

Според него, потребни ќе бидат 2,5 години да се изготви документацијата за аплицирање кај меѓународните финансиски институции. Оттука, почетокот на изградбата ќе зависи од обезбедувањето на потребните средства.

- Сепак, ова е добар сигнал дека ЕУ ги поддржува стратегиските определби на македонската Влада посебно во делот на изградбата на железничките делници долж Коридорот 8, посочи Јанакиески.

Со изградбата на железничкиот коридор на целата територија на Македонија ќе се овозможи пристап на железничкот сообраќај до пристаништата Драч и Валона.

Во делот железници приоритет ќе има и изработката на главен проект и тендерска документација за изградба на делницата Крива Паланка - граница со Република Бугарија, исто така како дел од Коридорот 8. Предвидени се и проекти за изготвување проектна документација за железничките делници Скопје - Кичево и Велес - Битола, како и основен проект за делницата Драчево - Велес.

Делниците кон Албанија и Бугарија согласно првичните проценки ќе чинат по околу 500 милиони евра. Предвидувањата се дека поврзувањето со Бугарија ќе заврши до 2021 - 2022 година.

Во делот патишта со поддршката од ИПА е предвидена рехабилитација на патните делници по должините на Коридорот 10 и 10д, како и Акциски план за подобрување на безбедноста на патиштата по должина на Коридорите 8 и 10. И делниците Миладиновци - Скопје, Куманово - Миладиновци, Меџитлија - Крклино, Крклино - Прилеп и Градско - Неготино ќе бидат опфатени со Оперативната програма.

Во 2012 година со поддршка од ЕУ се почнати шест проекти од кои три за железничка, а два за патна инфраструктура, како и еден за мултимодален транспорт вредни вкупно 224,5 милиони евра. Од овие средства досега се исплатени 24,4 милиони.

- Министерството за транспорт многу ефикасно ги користи средствата од ИПА фондовите. Така ќе продолжи и понатму.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот во врска со автопатското решение за Скопје - Блаце рече дека проектот е веќе поднесен. Но, првиот чекор околу изградбата треба да го почне косовската страна која ќе инвестира 800 милиони евра. Стартот на овие активности е најавен за следната година. Македонија во овој сегмент ќе вложи 80 до 90 милинои евра.