Груевски: Нелогично е СДСМ да бара по изборниот пораз да се прифати нивната програма за буџетот

Нелогично е да барате по пораз на избори да се прифати вашата програма за буџетот. Ние  пред година и пол излеговме со многу конкретна програма, која граѓаните ја видоа и мнозинството гласаше за неа. Нормално е таа програма потоа да ја спроведуваме и тоа го правиме. Преку буџетот ја спроведуваме програмата што доби најголем број гласови на минатите парламентарни избори. Ова го изјави премиерот Никола Груевски по денешната средба на лидерите на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“. 

Несвојствено би било, рече Груевски, наместо програмата што ја изгласале граѓаните ние да спроведуваме друга програма, во случајот некоја што ќе посака или побара СДСМ.

- Тоа би било ненормална ситуација и граѓаните што ја поддржале таа програма би се прашале зошто го правиме сега тоа. Ако сакале да се спроведува програмата на СДСМ веројатно ќе гласале за СДСМ, а не за ВМРО-ДПМНЕ, истакна премиерот Груевски.