Македонија ја продолжува соработката со Франција за заштита на културното наследство

За заштита и промоција на културното наследство, Македонија ќе ја продолжи  соработката со Франција која во таа сфера почна во 1999 година. Нов, четврти меморандум за активности од 2013 до 2015 година денеска потпишаа министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и в.д. амбасадорот на Франција Жан Лик Форе-Турнер.

Тие, како и во изминатите 14 години, ќе се реализираат преку француската Национална асоцијација на културно-историски градови и региони, со посредство на Амбасадата на Франција и Францускиот институт во Скопје.

Ќе продолжи инвентаризацијата на објектите во Скопје, Битола, Штип, Охрид, Велес, Крушево и во други градови за да се утврди нивната состојба и идно планирање. Во  чаршиите во Скопје и Битола ќе има по една куќа на културното наследство. Тие ќе функционираат како информативни пунктови и простори за изложби. Ќе бидат сместени во објекти што треба да се изберат, а потоа да се реставрираат со најсовремени технологии, како што се практикува во светот.  Ќе бидат модел како во иднина треба да се реставрираат објекти од старата градска архитектура.

Министерката Канческа-Милевска рече дека меморандумот го потврдува континуитетот на досегашната соработка и партнерство со Асоцијацијата на културно-историски градови и региони од Франција.

- Во изминатиот период се реализираа голем број проекти, научни сознанија, проектот Сигналитика, инвентаризација на куќите на старите градски јадра, легислатива и прописи прилагодени на историските квартови, изложби за културен туризам, размена на експерти и советници во градовите и на искуство на европско и на светско ниво. Сите овие активности ги продлабочија знаењата во областа на заштитата на културното наследство и неговата промоција, истакна Канческа-Милевска по потпишување на меморандумот.

В.д. амбасадорот Форе-Турнер посочи дека асоцијацијата од Франција ќе и помогне на Македонија уште подобро да го зачува и да го промовира своето богато културно наследство.

- Во 2009-та ја прославивме 10-годишнината на оваа соработка, а  благодарение на овој меморандум ќе може да работиме заедно на промовирање на старата скопска чаршија. Среќни сме што оваа соработка не се однесува само на Скопје, туку опфаќа повеќе градови на Македонија, рече в.д. францускиот амбасадор.

Во 1998 година владите на Македонија и Франција потпишаа Спогодба за културна, образовна, научна и техничка соработка, а во 2010-та  беше потпишана Програма за соработка меѓу министерствата за култура на двете земји.