Груевски: Неплатените обврски кон стопанството намалени за 68 проценти

Неплатените обврски кон стопанството по рокот на доспевање имаат драстично намалување откако ги преземавме мерките. Од 16 септември кога имав јавно обраќање пред стопанствениците досега има намалување на обврските за 68 проценти, истакна премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.

Одговарајќи на прашањето на Васко Пашкоски, премиерот информира дека на 16 септември неплатените обврски изнесувале 5 милијарди 560 милиони денари или околу 92 милиони евра, а во моментот изнесуваат 1 милијарди 815 милиони денари или околу 29,5 милиони евра.

- Неплатените обврски по рокот на доспевање имаат драстично намалување за 68 проценти и е согласно она што го ветив во моето јавно обраќање пред сопствениците. Остануваме на нашето ветување дека до крајот на февруари ќе биде елиминиран овој проблем, нагласи Груевски.

Седницата на која пратениците поставуваат пратенички прашања ќе продолжи по редовната едночасовна пауза.