Премиерот Груевски ги посети СОС Детско село и Домот „11 Октомври“

Премиерот Никола Груевски, придружуван од министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, денеска со желби за среќно детство, радост и успех во иднината им ја честита Новата 2013 година и им подели новогодишни пакетчиња на децата од СОС Детското село и Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје.

Со детски претстави, кои самите ги подготвиле, дечињата ја изразија својата благодарност до премиерот Груевски, кој, како што потенцираат е човекот кој најмногу се грижи за нивната сегашност и уште повеќе за нивната иднина.

- Ви посакувам во 2013 година да сте многу среќни и весели. Ваше е сега да учите, да имате повеќе знаења и кога ќе дојде време да се вработите да имате повисоко образование  за да имате и поуспешен живот, им порача премиерот Греувски на дечињата.

Во таа насока, тој нагласи дека се усвоени измените на Законот за социјална заштита, во рамки на кои, Министерството за труд и социјална политика, има изработено посебна програма за вработување на децата од „11 Октомври“ откако ќе го напуштат домот. Со измените на законот се воведува можност Владата со посебна програма да утврди мерки за вработување на лица кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители и без родителска грижа, заради нивна интеграција во социјалната средина по напуштањето на установата или згрижувачкото семејство. Инаку, секоја година од домот излегуваат околу 10 - тина деца, кои се опфатени со ваквата програма за вработување.

Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски посети три од 12 - те куќички, во СОС Детското село, при што разговараше со лицата кои се грижат за 61 - то дете кои во моментот се сместени во СОС Детското село.