Ставрески:Рангирањето на „Херитиџ“ потвда за владините политики за подобрување на бизнис климата

Рангирањето на Македонија како најдобра во регионот на Југоисточна Европа во најновиот извештај за економски слободи на фондацијата „Херитиџ“ и „Волстрит џурнал“ е потврда за владините политики за подобрување на условите за водење бизнис, оцени вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.  

- Македонија уште еднаш е најдобра во регионот и тоа само е потврда дека она што го работиме е системско подобрување на амбиентот за работење на фирмите, за слобода за претприемништво и можност претпријатијата да имаат рамен терен за игра. Тоа за нас е најзначајно. Тоа е и потик да видиме каде има дополнително простор за подобрување и ние од година во година ќе видиме каде има простор за дополнителни мерки, рече Ставрески по средбата со претставници на Мотоциклистичката федерација на Македонија.

Во врска со продажба на Поштенската банка и заинтересираноста на Бугарска централна кооперативна банка да влезе со капитал во оваа банка, Ставрески рече дека пред каква било одлука прво ќе биде извршена проценка на нејзината вредност. 

- Ќе видиме дали ќе се реализира продажба. Засега само сакаме да провериме каква е проценката на вредноста на банката. Согласно информациите кои што ги имаме од Народна банка, потребно е таму да се изврши или докапитализација или да се спојат некои банки или да се најде трето решение. Во таа насока Владата за да биде подготвена за носење на каква било одлука ќе ангажира консултантска куќа, која ќе изврши проценка на банката. За следните чекори и за таа проценка дополнително ќе информираме, рече вицепремиерот Ставрески.

За можноста за намалување на цената на зелениот картон за автомобилите, како и за воведување можност тој да важи за пократок рок, а не како сега да е врзан со регистрацијата, тој посочи оти се прават анализи во континуитет.

- Ние во контиуните правиме анализи на можностите, состојбите и потребите на возачите, но од друга страна и на состојбите во друштвата за осигурување и зависно од тие анализи, доколку има во некоја фаза можност, секако дека ќе донесеме дополнителни мерки во тој дел, додаде вицепремиерот Ставрески.