Преку проект финансиран од ЕУ се јакнеа капацитетите за социјална инклузија

Зајакнување на капацитетите на единиците на локалната самоуправа и здруженијата на граѓани во Република Македонија за имплементација на политиките и програмите за социјално вклучување, имаше за цел проектот „Зајакнување на релевантните актери за социјална инклузија на локално ниво” што во изминатите 13 месеци се имплементираше во Македонија.

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски истакна дека проектот е мошне значаен, со оглед на тоа што, како што истакна, ги зајакнува капацитетите на локалната самоуправа и локалните граѓански организации, што пак треба да овозможи подобра примена на политиките што се креираат на локално ниво.

- Правилното решавање на проблемите на населението, зависи од активното вклучување на сите локални чинители и тие најдобро можат да предвидат релевантни решенија на специфични кои постојат во дадена локална заедница, рече Ристовски.

Од тие причини, додаде министерот за труд и социјална политика, а во духот на децентрализацијата на социјалните услуги, пред нас е предизвикот да ги зајакнеме капацитетите на овие актери за успешно спроведување на проекти за социјална инклузија.

- Зајакнувањето на капацитетите на локалните самоуправи и здруженијата на граѓани за управување со проекти во иднина ќе ја зголеми и нивната апсорпциска моќ за добивање и управување со грантови кои се доделуваат од страна на ЕУ, рече Ристовски.

Евроамбасадорот Аиво Орав смета дека проектот, кој е финансиран од ЕУ, дал значителна поддршка на реформите на социјалниот сектор во државата.

- ЕУ даде поддршка на владините институции, локалните самоуправи и граѓанскиот сектор преку работилници и обуки, како и размена на најдобри пракси со европски експерти, рече Орав.

Овој проект, рече тој, значително го подобри знаењето и севкупниот капацитет на општините, невладиот сектор со цел да ги развиваат проектите на полето на социјалната инклузија.