Груевски: Англиските учебници и наставни програми ќе донесат квалитет во образованието
Министерот за образование и наука Панче Кралев денеска се вратил од Лондон, каде што имал средби со претставници на институции кои македонската Влада ги контактира за реализација на проектот за преземање учебници од британски издавачи за предмети од природните и техничките науки во основното и средното образование.
Премиерот Никола Груевски денеска изјави дека се очекува тие да бидат преведени и ставени во употреба од септември и почетокот на наредната учебна година и нагласи дека со нив многу ќе се подобри квалитетот на образованието во Македонија.
- Овој проект многу ќе помогне за добивање многу квалитетни книги. Англија е држава за која се цени дека е или прва и или меѓу првите неколку со најквалитетно основно и средно образование. Оттука, преземањето на нивните учебници и нивното адаптирање на нашите услови, кое ќе го прават самите тие, како и преземањето на нивните наставни планови, ќе биде огромен чекор напред во подобрување на квалитетот на основното и средното образование во Република Македонија, изјави премиерот Груевски по промоцијата на нови наслови од проектот за превод на илјада стручни книги.
Информираше дека за две до три недели се очекува група експерти од Кембриџ да ја посетат земјава, за да се утврдат детали од проектот.
- Први во план ни се книгите од природните и техничките науки, а потоа и општествените. Целосно сме фокусирани на овој проект, со кој ќе исчезнат грешките и критиките заради грешки од пишувачите на учебници или рецензентите кои нив не ги забележале итн... Станува збор за ангажман на институции меѓу најдобрите во светот за пишување учебници за децата во основното и средното образование, додаде Груевски.