Објавена Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата
Министерството за култура денеска ја објави Годишната програма за остварување на националниот интерес во културата во 2013-та која ги содржи проектите на национални и локални установи и самостојни уметници што ќе добијат финансиска поддршка.
Буџетот за 2013 година на Министерството за култура е 3.561.447.000 денари и е 19,1 проценти поголем од минатогодишниот кој изнесуваше 2.989.616.000 денари. Програмските средства од годинашниот буџет се во висина од 791.460.000 денари и во однос на 2012, кога изнесуваа 762.764.000 денари, се поголеми за 3,7 отсто.
Во издавачката дејност се поддржани 489 проекти (313 дела, 83 преводи, 15 електронски изданија, 37 програмски активности на здруженија, пет манифестации) од 1.320 пријавени.
Од областа на драмската дејност, во програмата за 2013 година се поддржани 101 проект: 44 се на професионалните театри (43 премиери и едно гостување), 18 независни и алтернативни проекти во девет општини, 20 фестивали и манифестации во 12 општини и 19 аматерски претстави во 17 општини.
Покрај 13-те театарски фестивали кои досега добиваа поддршка од Министерството за култура, годинава ќе бидат поддржани и три нови фестивали - „Битола Шекспир фестивал“, во организација на Народен театар-Битола, Театарски фестивал за деца и младинци „Малиот принц“ во Штип, кој ќе го организира НУ Центар за култура „Ацо Шопов“ од Штип, Интернационален детски фестивал „Сонот на облачето“ во Скопје, во организација на Граѓанската асоцијација за мултимедијална театарска уметност, креативност и култура „Сенки и облаци“, како и Фестивалот на хумор и сатира „Ин Виница веритас“ на Домот на култура „Тошо Арсов“ од Виница.
Во Програмата се опфатени и субвенционираните проекти од музичко-сценска, музејска, ликовна и галериска, библиотечна дејност, проекти од заштитата на културното наследство, меѓународна соработка…
Од буџетот за 2013-та се предвидени средства за меѓународна презентација - Третата верска конференција во Охрид, претставување на македонската култура во Марсеј, кој е европска престолнина на културата, одржување на Денови на македонската култура во Шведска и во Холандија, претставување на Биеналето на ликовни уметници во Венеција и за други меѓународни активности.
Оваа година е најавено отворање на Стариот театар во Скопје, а ќе продолжат и активностите за изградба или реконструкција и санација на објектите на неколку национални установи од културата.
Во Буџетот се обезбедени и средства за исплата на надомест на национален уметник и за национални пензии во културата, во согласност со измените во Законот за култура.