Груевски: Предлогот за засилено обезбедување е заради борбата против корупцијата
Предложените измени на Законот за Влада со кои се засилува обезбедувањето на премиерот по истекот на мандатот е заради борбата против корупцијата и порака кон лицата вклучени во криминални и коруптивни процеси.
Ова го оцени денеска премиерот Никола Груевски, прашан за коментар на зкаонските измени што ги доставија до Собранието пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Материјата за обезбедувањето на премиерот, сега е уредена со Правилник, а со законот се подига нивото. Наместо една година, услугите за обезбедување премиерот ќе ги добива толку години колку што ја извршувал функцијата. Се зголемува и бројот на обебзедувачи од три на шест.
- Тоа досега не било регулирано со закон. Јас во тој правец ја поздравувам нивната иницијатива и намера. Во минатото пред доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ борбата против криминалот и корупцијата не беа во врвот на приоритетите на владите и оттука разбириливо што воопшто и поранешните гарнитури не размислувале за периодот потоа, изјави Груевски, по посетата на две нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Со оглед на тоа дека оваа Влада, посочи, има сериозен пристап во борбата против криминалот и корупцијата се размислува на сите можни ризици и очигледно пратениците во тој правец повлекле чекор за дополнително да ги зајакнат позициите на практично најекспонираната личност во борбата против криминалот и корупцијата, а најекспонирана секогаш е таа што стои на чело на Владата.
- Во овој случај може да се толкува дека тоа е нешто заради мене, но во основа станува збор за функцијата премиер. Во иднина ќе доаѓаат други влади, други премиери и добро е сите тие да се чувствуваат побезбедно кога преземаат акции за сузбивање сериозни криминалци коишто како и во многу земји откако ќе бидат под удар потоа се обидуваат да го возвратат ударот порано или подоцна. Така што, од тој аспект ценам дека пратениците повлекле добар потег за да во иднина сите натамошни влади и премиери чувствуваат поголема сигурност кога ќе удрат силно против одредени криминални банди и криминални групи, луѓе кои што имаат голема финансиска и друга моќ, рече премиерот Никола Груевски.