Груевски: Жалам што Грција ја одби иницијативата на Филе, ние сакаме динамика и решение
Жал ми е што Грција го одби предлогот на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за трилатерална средба. Колку што можев да разберам Филе немаше намера да го субситуира делувањето на Метју Нимиц и на Обединетите нации, туку сакаше да помогне во целата работа. Ова го изјави денеска премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на две нови лаборатории на Природно-математичкиот факултет.
Тој посочи дека од наша страна веднаш е прифатена неговата иницијатива, но за жал Грција ја одби.
- Ние пристапивме со добра волја, намера и верба, како што и пристапувавме во минатите години, но за жал другата страна не ја препозна добрата намера на Филе и колку што можевме да забележиме го одби. Ние ќе продолжиме со добри чекори, затоа што сме држава која сака да го реши овој проблем и добро е што тоа се гледа на некој начин кој прифаќа иницијативи за решавање, а кој одбива иницијативи за решавање, рече премиерот.
Филе, како што додаде, не е било кој, тој е комесар во Европската унија. - Тој сигурно на своја рака не го направил тоа, сигурно имал консултации со неговиот претпоставен, со Баросо, и на некој начин мене ми е жал што Грција ја пропушти оваа можност за правење чекор напред, доближување на односите, доближување во релациите и можеби во изнаоѓање на некоја нова идеја која ќе помогне во доаѓање до решение, нагласи Груевски.
Премиерот изрази надеж дека и понатаму ќе има иницијативи од различни страни и, како што рече, што се однесува до нас ние секогаш ќе имаме иницијативи и расположеност, волја и верба во правец на решавање на овој проблем.